Огнен Узуновски Оги „Сектор“: Бев спектакуларно уапсен бидејќи пуштив музика

Огнен Узуновски Оги, сопственик на клубот „Сектор“ кој беше приведен во полициската рација во локалот, преку социјалните мрежи детално објасни што се случувало ноќеска во Градскиот парк.

„Вчера околу 02:00 по полноќ во Сектор 909 влегоа,полицајци,алфи,специјалци (наоружани сериозно),инспекции (сите можни).Не тераа да изгасиме музика за да направеле проверка,само 5 мин. ми викаа (јас не се согласив) зошто тоа е исто како на концерт да дојдат кај Тамара на пример и да речат нека престане да пее приверка да напрајме па нека продужи. Едниот од униформираните полицајци дрско влезе во Dj -кабина и почна кабли да влече да прекине музика,дечките прекинаа тој им зема лични карти и ги запишуваше со изгасната музика пред полн подиум, јас на тоа не можев да ќутам и пуштив музика,одма после тоа бев уапсен (спектакуларно) пред цела публика,за да ме уапсат кажа една од инспекторките (не се појави у станица).Следело претресување и тормозење гости и бркање еден по еден надвор од диското,забавата е прекината. Јас сум институциите да прават контроли и да бркаат криминал али НИКАКО на ваков начин. Мора да се идентификува “човекот” што дал наредба контролата да се одвива на тој (малограѓански начин),ова е срам за полицијата а нај голем СРАМ за нашата земја Македонија. Ако од овој случај не излезе правдата, јас Огнен Узуновски ќе почнам со нови протести,поинакви од минатите, убеден сум дека ќе ме следат голем број културни млади луѓе на кои им е преку глава од вакви угнетувања од страна на институциите вклучувајќи ги мвр.Не можете да ја победите љубовта“, пишува тој.

Узуновски истовремено бара да престане и злоупотребата на полицијата за инспекциски контроли.

„Само во Македонија сопствениците, вработените и гостите можат да бидат вознемирувани од цели единици инспекции во придружба со полиција, без налог од суд, како да сме терористи“, додава тој.

Инспекција во седум локали во и околу Градскиот парк во Скопје

Според полицискиот билтен, синоќа била извршена контрола во седум угостителски објекти во близина на Градскиот парк во Скопје, од 01:15 до 03:30 часот. Од СВР Скопје посочуваат дека биле легитимирани 21 лице, а приведени се три лица.

„ А.И.(25) од Скопје кој бил присутен како гостин во угостителски објект и кај истиот при личен преглед е пронајдено огнено оружје-пиштол „Берета“ со рамка со 10 (десет) куршуми; И.Р (33) од Скопје, кој бил присутен како гостин во угостителски објект и кај истиот при личен преглед е пронајдена паковка со непозната прашкаста материја; и О.У (44) од Скопје, сопственик на угостителскиот објект, кој одбил да ја почитува наредбата издадена од полициските службеници и се спротиставил на преземање на службени дејствија“, стои во полициското соопштение.

Во еден од објектите каде се спроведувала синоќешната акција биле затеканати шест малолетници лица кои биле приведени во ПС Карпош заради утврдување на идентитет. Кај пет лица кои работеле како обезбедување било утврдено дека не поседуваат лиценци. Од страна на Државниот инспекторат за труд, во сите контролирани угостителски објекти констатирано било дека работат без соодветна документација за вршење на угостителска дејност издадена од Министерство за економија на Република Македонија , додека од страна на УЈП во два угостителски објекти констатирана била разлика во прометот во готово и прометот во фискалните каси , по што им е изречена забрана за вршење дејност во траење од 15 денови.

Полицијата регистрирала и едно кривично дело кога при приведување, поради сомнение за претходно нарушен јавен ред и мир, на лицата С.М(34) и Б.С (18), физички ги нападнале полициски службеници и им нанеле телесни повреди.