Полициска рација синоќа по скопските дискотеки – силни критики во јавноста

Полициски службеници синоќа упаднале во повеќе ноќни клубовиво Скопје и ги легитимирале посетителите. Меѓу клубовите е и култниот скопски клуб „Сектор“, објавија посетителите преку социјалните мрежи, револтирани од некоректниот однос на полицијата. Дел од нив пишуваат дека полицајци вооружени со автоматско оружје барале да се изгаси музиката во „Сектор“, како и дека бил приведен сопственикот на дискотеката бидејќи се спротивставил на барањето да се изгаси музиката.

Posted by Elena Uzunovski on Saturday, 30 June 2018

Со став се огласи и Хелсиншкиот комитет за човекови права.

„Постојат правила и стандарди за примена на мерки за присилба! Хелсиншкиот комитет ќе бара одговори за потребата да се демонстрира сила со огнено оружје во дискотеки полни со луѓе! Ќе се постави и прашањето на командна одговорност! Кој ја дал наредбата и зошто? Полицијата постои да ги заштитува граѓаните и да постапува во рамки на дозволена и неопходна примена на сила и мерки за присилба, секогаш заради обезбедување на сигурност и безбедност!“ – изјави Уранија Пировска, извршна директорка на Комитетот.

Хелсиншкиот комитет ги повикува сопствениците на дискотеките и граѓаните кои беа присутни и кои ги посведочија настаните, да се обратат до Комитетот со изјава. Комитетот во текот на утрешниот ден ќе се обрати и до Секторот за внатршна контрола при МВР.