Одржан тематски форум за поквалитетно високо образование: Потребна е поголема поддршка за студентите и инвестирање во наука

Подобро и поквалитетно високо образование кое е длабоко интегрирано во економските текови во државата и надвор и во кое истражувањето и науката ќе бидат неизоставен дел од градењето на јавните политики во државата, а младите студенти ќе имаат добро академско тло со цел да се намали одливот на мозоци.

На овие теми разговараа преставници од институциите, и академската, претприемчката и граѓанската заедница на вчерашниот форум „Густа плетка: за потребата од вмрежување на образованието, науката и економија базирана на иновации“ во организација на Форум за разумни политики.

„Постојат прилично бирократски заврзлами, и тие не се нерешливи, напротив! Планираме да дискутираме и да се информираме интерсекторски. Добронамерни сме, и ќе останеме такви, но ќе се обидеме преку мирната вода да го рониме брегот. Така, планираме веднаш да алармираме кај новата влада и да укажеме дека некои работи може брзо да се направат, потоа важно да ги охрабриме и мотивираме добрите луѓе во државната администрација“, изјави Гордан Георгиев од Форумот за разумни политики.

Делгатката од Универзитетското студетснко собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Ана Шоповска изјави дека за да ги привлече да студираат овде, државата треба да им обезбеди сместување, стипендии и поквалитетни програми на студентите, но и програми на англиски јазик особено на додипломските студии.

„Од друга страна, компаниите треба да се поодговорни кога земаат студенти на пракса и важно е да ги вклучат во процесот со цел да ги научат потребните вештини“, потцрта Шоповска.

Фото: Форум за образовни политики

Александар Богојевски од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност зборуваше за важноста за соработка на ниво на Западен Балкан: заеднички фондови, поддршка во истражувачките проекти, автоматско признавање на дипломите и стекнатите кредити.

„Креирањето на студиската програма треба да се прави во соработка со претприемачката заедница и сите имаме голема одговорност во тој процес“, истакна Кирил Барбареев, професор на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип.

Присутните заклучија дека се потребни континуиарани заеднички заложби за да се подигне свеста за темелните вредности како право на студирање, право на работа и право на добра администрација.

Форумот за разумни политики го организира настанот во соработка со партнерските организации Институтот за општествени и хуманистички науки и Балканскиот институт за регионална соработка, во рамките на проектот „Застапување за инклузивен развој“, поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.