Одложено рочиштето на демонстрантите од Левица, остануваат во притвор

Денешното судење на двајцата членови на Левица, Здравко Савески и Владимир Куновски обвинети за демолирање на канцеларијата на Иванов повторно е одложено. Следното рочиште е закажано на 10 јуни, објави Мета.

Одбраната се уште не го добила вештачењето поради тоа што не може да ја подготват листата на докази.

Како што тврди адвокатот Сашко Дуковски вештачењето е важен елемент за тие да можат да ја подготват одбраната. Досега вештачење добил само еден од обвинетите и тоа вчера попладне.

Обвинителката Снежана Бундалевска посочи дека одбраната можела да се координира со клиентите и денеска да дојде подготвена на судењето, освен „ако не се работи за тактизација“.

И двете страни се согласија дека мерката за притвор е бесмислена, но сепак обвинетите демонстранти остануваат во куќен притвор.

„Савески и Куновски се држат во куќен притвор веќе 36 дена. Ние се сомневаме дека тие ќе бидат во куќен притвор максимални 60 дена. Ваквата мерка е престрога имајќи ги во предвид доказите со кои располага обвинителството и со оглед на фактот дека и Савески и Куновски немаат никакви прекршоци во минатото“, изјави пред почетокот на судењето Бранимир Јовановиќ од Левица кој повтори дека станува збор за политичка одлука за заплашување на демонстрантите.