Одложена одлуката за мерките за невакцинираните граѓани, синдикатите и ССК со различен став за трошокот за тестови

По автобуската несреќа во Бугарија во која загинаа 45 граѓани, одлуката за предлог мерките за невакцинираните граѓани се одложи за наредната владина седница, на која треба да се разгледаат и барањата на синдикатите.

Со предлог мерките на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести се предвидува сите вработени во јавниот сектор, локалната самоуправа, сите институции, за одење на работно место да прикажат потврда за најмалку една примена вакцина или да имаат ПЦР негативен тест кој ќе важи најмалку 72 часа, а ќе биде направен на сопствен трошок.

Оние кои го прележале вирусот ќе треба да приложат потврда за прележан Ковид-19, не постар од 45 дена, а доколку не можат да примат вакцина, ќе треба да имаат потврда од лекар специјалист. Покрај тоа, се предлага вакцинацијата да биде задолжителна за сите здравствени работници, а мерките треба да стапат во сила 10 дена откако ќе ги усвои Владата, за граѓаните да имаат време да се вакцинираат и 30 дена за здравствените работници кои се уште не се вакцинирале.

Синдикатите завчера на средба со министерот Венко Филипче побараа два платени слободни дена по вакцинацијата, ПЦР тестирањето за оние кои не сакаат да се вакцинираат да биде на трошок на работодавачот, како и да биде продолжен на 15 дена рокот кога ќе почнат да важат мерките, наместо 10 дена како што предлага Комисијата за заразни болести. Нивните барања според најавите треба да бидат разгледани на седница на Владата.

Во меѓувреме забелешки и предлози упатија и од Организацијата на работодавачите на Македонија (ОРМ) од каде сметаат дека во услови кога вакцинирањето против КОВИД е бесплатно, а одредени работници сепак не ја користат оваа поволност, донесувањето евентуална одлука од страна на Владата со која работодавачите би ги покривале трошоците за ПЦР тестовите за работниците кои не сакаат да се вакцинираат би била целосно нелогична, неоправдана и неприфатлива.

За Сојузот на стопански комори (ССК) најавената задолжителна вакцинација во приватниот сектор проблемот се префрла од Министерството за здравство кон деловните субјекти.

Според нив, целосно е неприфатливо товарот за задолжително тестирање за оние кои не сакаат да се вакцинираат да падне на претпријатијата, бидејќи, велат од ССК, тие и така се наоѓаат во лоша финансиска состојба со сериозно намалена ликвидност, потенцирајќи дека голем дел од обврската за да се задржат вработените и да се одржи деловната активност во услови на криза е токму на работодавачите.

Според вчера објавените податоци на Институтот за јавно здравје, при направени 2.869 тестирања, регистрирани се 490 нови случаи со Ковид-19, девет починати и 484 оздравени пациенти.

Бројот на активни ковид случаи во земјава изнесува 8.281 случаи од кои најголем број 3831 се во Скопје. Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 212.865, бројот на оздравени пациенти е 197.120, а на починати е 7.464. Досега во земјата се направени вкупно 1.453.084 тестирања на Ковид-19.