Одбележување на Светскиот ден на филозофијата на ФЗФ

Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје и Филозофското друштво на Македонија годинава по 19  пат ќе го одбележат Светскиот ден на филозофијата.

Овој ден, востановен од УНЕСКО, традиционално се одбележува третиот четврток од месец ноември и се слави низ целиот свет, потенцирајќи ги вредноста и придобивките на филозофијата.

Годинава, денот ќе се одбележи со дводневен симпозиум насловен „Современите предизвици на филозофијата и на науката“, кој ќе се одржи на 17 и 18 ноември на Филозофскиот факултет при УКИМ.

Во три блок сесии, на симпозиумот ќе учествуваат четиринаесет филозофи, научници, професори и истражувачи од земјата и странство –  Мирко Ѓошевски, Љубомир Гајдов,  Радомир Виденовиќ, Бошко Караџов, Мартин Поповски, Ана Димишковска, Сенка Анастасова, Игор Поп Трајков, Цане Мојаноски,  Слободан Марковиќ,  Данка Јовева, Марјан Болтевски, Верица Костова и Симо Георгиев.

Манифестацијата по шести пат ќе биде отворена со Мал концерт на студенти од Факултетот за музичка уметност, односно ансамбл гитари од класата на Дарко Багески.

Во свечениот дел пригодно обраќање за смислата на филозофијата ќе има  филозофот Ернесто Хередеро дел Кампо, Заменик шеф на мисија и Аташе за култура на Кралството Шпанија во Скопје.

Вториот ден ќе се одржат и промоции на неколку филозофски публикации. Се работи за списанието „Филозофска трибина“, односно боевите 27. и 28, во издание на Филозофско друштво на Македонија, 2020, зборникот на текстови „Логос и Тропос“, во издание на Филозофски факултет, 2020; и студијата „Естетика: естетички категории“ од Иван Џепароски, во издание на  Аз-Буки, 2020.

Втората сесија од симпозиумот, која ќе се одвивна на 17 ноември, четврток, од 15 и 30 до 17 и 30 часот,  ќе може да се следи и преку платформата „Зум“.

Повеќе информации со деталната програма, апстрактите на учесниците на симпозиумот, програмата за концертот, како и промоцијата на публикациите можете да најдете ТУКА.