Од утре се укинува забраната за движење во шуми

Со промената на временските услови и пролетното развивање на вегетацијата, се намали опасноста од појава на пожари на отворено. Ова е објаснувањето на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство поради кое одлучи да ја укине забраната за движење во шума и шумско земјиште со кој стопанисува ЈП „Национални шуми“, една недела откако беше воведена.

Како што информираат од министерството, забраната се укинува по барање на ЈП „Национални шуми“, а стапува на сила од утре (петок, 24 април). Сепак, истакнуваат дека и понатаму ќе ја следат состојбата со шумите и движењето на граѓаните, па доколку се процени дека повторно се создале услови за ризик од шумски пожари, забраната повторно ќе се воведе.

„Ги потсетуваме сите граѓани на Република Северна Македонија дека согласно член 46 од Законот за земјоделско земјиште и член 23 од Законот за ловство, забрането е палење на стрништа, плевел и други растителни отпадоци во ловиштата и друг земјоделски отпад на земјоделско земјиште, како превентивна мерка за заштита од појава на пожари на отворен простор. Ги повикуваме сите граѓани одговорно да се однесуваат додека се движат низ шума, да се грижат за природата, да не фрлаат догорчиња и запалливи материи со што ќе придонесат за зачувување на животната средина“, стои во соопштението од министерството.

Претходно, преку онлајн петиција и отворено писмо, група организации и поединци побараа да се укине забраната, за која сметаа дека е донесена без соодветна анализа и консултација со граѓаните. Според нив, забраната бесправно ги спречува на рекреативно движење, иако како што посочуваа, тоа е во согласност со мерките на Владата за спречување на ширењето на вирусот Ковид-19.