Организации и граѓани доставија барање до институциите да се преиспита забраната за движење во шуми

Изреволтирани од новата забрана за движење во шума и шумско земјиште, донесена од Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство, група организации и поединци вчера доставија официјално барање до надлежните, вклучително Владата и Министерството за внатрешни работи, за да се преиспита и укине одлуката.

Од работната група, составена од над 1.100 члена организации и физички лица, велат дека забраната бесправно ги спречува граѓаните на рекреативно движење, иако како што посочуваат, тоа е во согласност со мерките на Владата за спречување на ширењето на вирусот Ковид-19.

Со новата мерка, се забранува движење во шума и шумско земјиште од 6 до 20 часот, а беше донесена поради „зголемената опасност од појава на пожари на отворен простор“. Според работната група, таа е донесена без никаква најава, анализа, ниту пак период на траење.

„Гледаме дека и во услови на полициски час, со важечката Забрана за движење во шуми, повторно се палат пожари и се врши дива сеча на дрва што само укажува на неефикасноста на мерката. Истовремено, апелираме институциите во рамките на своите ингеренции да ги насочите своите капацитети и своите ресурси и да ги вложат во напори за решавање на суштинските проблеми во земјава и вистинско зачувување на шумите и шумските предели од активности кои навистина ги загрозуваат“, реагираат од работната група.

Во нивниот допис до Владата и Министерството, тие наведуваат дека мерката се носи без консултативен процес со граѓаните, или како што велат „на тотално недемократски и авторитарен начин“.

„Сметаме дека оваа мерка не е целисходна, се објавува во период кога голем дел од планинските и шумските предели се се уште под снежна покривка или се со влажна почва од неодамнешните врнежи, а временските прилики не сугерираат поволни услови за ширење на пожари. Планинарите и рекреативците не се закана за ширење на пожари, надлежните служби нека превземат други мерки ефикасно доколку доследно ги спроведуваат важечките закони и прописи кои се однесуваат на заштита на природата и на шумите“, стои во дописот.

Со забраната се опфатени шумите кои ги стопанисува ЈП „Национални шуми“, но не важи и за заштитените подрачја, парк-шуми, излетнички места и националните паркови. Од работната група реагираат дека нема точна информација кои планински подрачја спаѓаат под „Национални шуми“, а кои не.

„Ви обрнуваме внимание дека во оваа наша реакција не станува збор за прашањето поврзано за вршење економски активности кои Министерот ги наведе во прес-от, како што е собирање на шумски плодови и билки, за кои напоменувате дека е потребна дозвола. Овде станува збор за планинари и рекреативци кои сакаат слободно, индивидуално да ги користат планините за подобрување на своето лично здравје, во согласност со препораките на Владата за Ковид-19 и кои на ниеден начин не се ризик за ширење пожари – напротив, може да алармираат“, стои во дописот.

Посебно барање испратија и до Министерството за внатрешни работи во кое забележуваат дека до нив реагирале повеќе граѓани за непрофесионално однесување на полициските службеници, кои забранувале посета на Водно пред да започне полицискиот час.

„Најостро реагираме на забранувањето пристап до парк-шумите, заканите и претењето за кривично гонење на планинарите и рекреативците во период од 5:00-16:00 часот од понеделник до петок, во услови кога рекреативците се совесни и не ги кршат мерките за ограничено движење на Владата. Одењето во планина е во парк шумите и излетничките места, без групирање кое би претставувало ризик за ширење на заразата а полицијата им забранува пристап без да има правна основа за тоа. Како револт од полициските служби, поединечни граѓани упатија дописи до Хелсиншкиот комитет за човекови права чиј одговор е дека полицијата нема право да забранува движење вон донесените ограничувања за полициски час. Некои од случаите се веќе пријавени и во Одделението за внатрешна контрола во Министерството за внатрешни работи, но одговор не е добиен“, стои во дописот до МВР.

Листата на поддржувачи и потписници на допис не е конечна, велат од работната група. Во тек е и петиција против мерката, која досега ја имаат потпишано над 5.300 граѓани.