Од утре почнува штрајкот на весниците од МПМ, штрајкувачките одбори под вербален притисок

Редакциите на „Вест“, „Дневник“ и „Утрински“ од утре (17.02.) од 10 часот започнуваат штрајк. Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) потенцира дека ваквиот чекор следува по 15 денови откако беше донесена одлука за стапување во штрајк, а меѓувремено од менаџментот на МПМ не била пројавена иницијатива за помирување или надминување на проблемот, односно владее игнорантен однос и барањата на синдикалците не се исполнети.

„Штрајкот е уставно загарантирано демократско право на вработените, преку кој тие ги остваруваат своите работни права, во случајов правото за личен доход за месецот што измина. Нашите барања не беа исполнети, а дополнително, не само што не се воспостави комуникација со штрајкувачките одбори, туку тие се изложени и на засега директни и индиректни вербални притисоци“, вели за Радио МОФ претседателката на ССНМ, Тамара Чаусидис.

Таа дополнува дека штрајкот во редакциите во МПМ е организиран согласно законот за работни односи и колективниот договор за приватниот сектор и, како таков, тој не претставува кршење на договорите за вработување.

„Дополнително, секое ставање на работниците кои штрајкуваат во понеповолна позиција од страна на работодавачот се смета за кршење на законите и Уставот на оваа земја“, забележува Чаусидис.

Долгогодишниот новинар од „Утрински весник“ и член на извршниот одбор на ССНМ, Љубиша Станковиќ напоменува дека цело време се обидуваат да преговараат, разговараат и било како допрат до менаџментот. Но, вели тој, никој не сака да излезе во пресрет со нивните барања за средби и надминување на кризата.

Од наша страна, се’ што беше законски беше испочитувано. После известувањето дека се подготвува штрајк, дадовме период од две недели за разговори. Меѓутоа, немавме одговор од другата страна, па затоа пристапивме кон штрајк. Утре и во недела штрајкот ќе трае по четири часа – од 10 до 14 часот, а веќе од понеделник штрајкот ќе се зголеми на шест часа, со тоа што весниците ќе излегуваат“, објаснува тој.

Радио МОФ дополнително контактираше новинари од редакциите, кои велат дека во меѓувреме се сменила сопственичката структура. Упатуваат на Централен регистар, каде велат како сопственик се јавува „Издаваштво ТЕЛЕГРАФ ДООЕЛ“. Ова, сметаат дел од новинарите, е своевиден параван – не е сменето само името, туку тврдат е најден купувач.

Засега за штрајкот, но и состојбата со компанијата нема реакција или коментар од управителите на „Медиа Принт Македонија“.

Инаку, уште во ноември, кога пристигна оној ултиматум до „Утрински“ -„или 10 отпуштање луѓе, или затворање на весникот“, Чаусидис од ССНМ напомена дека компанијата веќе во континуитет тврди дека има финансиски проблеми и тоа го ефектуира со постојани намалувања на плати, откази и технолошки вишоци. Во името на ССНМ жалеше што се покажало дека еден од најбогатите македонски бизнисмени Орце Камчев, како еден од сопствениците на МПМ, за разлика од другите негови бизниси „така маестрално потфрли во водењето на медимскиот бизнис, но должни сме да кажеме дека финансиската состојба не е резултат на работењето на новинарите“.

„А тие го плаќаат и треба да го платат туѓиот менаџерски неуспех и поради тоа ние јавно протестираме. Ние сме цврсто уверени дека актуелната лоша економска состојба во компанијата и намалените тиражи на весниците најмногу, потенцираме најмногу, се последица на слугински однос на сопствениците кон власта. Таквиот однос продуцира лоши деловни одлуки, мешање во уредувачката политика и на крај производ – весник, кој не е интересен за публиката. Ете затоа паѓаат тиражите. Затоа што сопствениците, за да бидат ценети кај властите, се дрзнуваат да запираат затворен весник во печатница и да менуваат насловни страници или пак да менуваат цели уредувачки тимови во тиражно успешни весници и за 6 месеци да ги сведат тие весници на безвреден и неинтересен медиумски производ. Оттука, секое фрлање вина на некој друг е неприфатливо, а прогласување на новинари за непотребен вишок е бесчуствителна одлука и срам за сопствениците на компанијата“, забележа Чаусидис.

Бојан Шашевски