„Утрински“ не попушта пред ултиматумот, Синдикатот повика на отпор од сите новинари

„Ниту еден вработен не смее да биде отпуштен од работа и весникот мора да продолжи да функционира. Како ќе продолжи треба да си мислат менаџерите, тоа не е наша работа. Меѓутоа, нашиот став е тој, а мнозинството од вработените го поддржаа. Така ќе остане – никој нема да си замине од работа!“

Ова е ставот од мнозинството од новинарите од дневниот весник „Утрински весник“, кој денеска го соопшти долгогодишниот новинар Љубиша Станоковиќ. Ставот доаѓа по ултиматумот кој вчера го доби ова печатено гласило на „Медија Принт Македонија“ (МПМ)  – или отпуштање на 10 новинари, или затворање на весникот.

Ултиматумот денеска беше привидно изменет, со тоа што „МПМ“ до главната уредничка Соња Маџоска соопштила дека засега нема да има бркање или згаснување на „Утрински“, а притоа било нагласено дека, ако има доброволци од весникот кои самостојно сакаат да си заминат, тоа можело веднаш да го сторат. Но, и покрај ова, новинарите остануваат на тврдиот став дека апсолутно никој не треба да се отпушти и напушти „Утрински“.

Станковиќ потенцираше дека проблемите на „Утрински весник“ датираат од 2011 година кога почнаа првите масовни отпуштања. Од тогаш новинарите се под перманентен притисок и неизвесност дали ќе се случат бркање на 3, 4 или 10 луѓе. Свесни се за тешката состојба во „МПМ“, меѓутоа за неа не се виновни новинарите. Нагласува дека досега се маргинализирани сите преговори за плати и недоместоци, а сега се доведено во нова ситуација. Во оваа ситуација, вели тој, се наоѓаат и „Дневник“, „Вест“, „Теа Модерна“, па дури и „Македонски спорт“ кој не е член на Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ).

„Ние бевме тие што баравме и инсистиравме на преговори. Бевме на интерес начин ‘заобиколени’, не ни беше одговорено на нашите барања, за после неколку дена да добиеме одговор од д-р Срѓан Керим за средба. На тој состанок ни беше речено дека менаџментот на компанијата планира отворање на т.н. ‘turn around’ – засилување на дистрибутивната мрежа, маркетингот, работење на печатницата итн.. Вети човекот дека ќе исплаќаат плати еднаш во месецот, и дека нема да има ниту едно отпуштање. Овој муабет чинам беше во вторникот или средата. Меѓутоа, вчера имавме нова средба каде беше присутен Керим и менаџерката Јана Станисављева која рече дека ова не важи, а мерките ќе ги слушнеме дополнително. Мерките која таа ги предвидела, со оглед дека пријавила загуба од 1,8 милиони евра на ниво на компанија и дека ниту една работна единица не работела профитабилно, се дека најмалку 10 луѓе треба да си заминат. Ова внесе дополнителни нервози и тензии, а сите наши синдикални барања се заборавени. Вработените и новинарите во ‘Утрински весник’ не се согласуваат со гаснење на весникот. Не знам како ќе продолжиме, но нема да дозволиме ниту еден да биде отпуштен“, рече Станковиќ.

Тој додаде дека цело време зборуваат и ја доживуваат „МПМ“ како компанија која се уште функционира, меѓутоа, вели тој, вчера им било кажано дека и „Дневник“, „Вест“, „Македонски спорт“ и „Теа Модерна“ ќе бидат префрлени во нова компанија која ќе се вика „Телеграф“ ДОО.

Според претседателката на ССНМ, Тамара Чаусидис компанијата веќе во континуитет тврди дека има финансиски проблеми и тоа го ефектуира со постојани намалувања на плати, откази и технолошки вишоци. ССНМ жали што се покажало дека еден од најбогатите македонски бизнисмени Орце Камчев, како еден од сопствениците на МПМ, за разлика од другите негови бизниси „така маестрално потфрли во водењето на медимскиот бизнис, но должни сме да кажеме дека финансиската состојба не е резултат на работењето на новинарите“.

„А тие го плаќаат и треба да го платат туѓиот менаџерски неуспех и поради тоа ние јавно протестираме. Ние сме цврсто уверени дека актуелната лоша економска состојба во компанијата и намалените тиражи на весниците најмногу, потенцираме најмногу, се последица на слугински однос на сопствениците кон власта. Таквиот однос продуцира лоши деловни одлуки, мешање во уредувачката политика и на крај производ – весник, кој не е интересен за публиката. Ете затоа паѓаат тиражите. Затоа што сопствениците, за да бидат ценети кај властите, се дрзнуваат да запираат затворен весник во печатница и да менуваат насловни страници или пак да менуваат цели уредувачки тимови во тиражно успешни весници и за 6 месеци да ги сведат тие весници на безвреден и неинтересен медиумски производ. Оттука, секое фрлање вина на некој друг е неприфатливо, а прогласување на новинари за непотребен вишок е бесчуствителна одлука и срам за сопствениците на компанијата“, забележа Чаусидис.

Според неа, сето ова проследено со еден целосно неискрен и арогантен однос кон вработените . Тие свесно во континуитет се доведувани во неизвесност, забуна и страв. За ова, вели таа, можеби е илустративен фактот дека од менаџментот ниту еден договор не е испочитуван, намалиле плати за да нема бркање на одреден период, платите останаа намалени и откази се поделија.

„Од изданијата на МПМ милом или силом се отсранети повеќе десетици новинари. Сега на луѓето прогласени за технолошки вишок не им се исплаќа законски гарантираната отпремнина што ќе мора да се бара на суд“, рече Чаусидис.

Владините реклами се „замка“ на власта

Дел од новинарите се интересираа како ќе се одвива медиумскиот простор кога би секнале парите од владините реклами. Меѓутоа, претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Насер Селмани, смета дека е безобразен спин на власта дека ‘ако се укинат кампањите, тогаш ќе згазнат медиумите’. Нагласува дека не ни требаат медиуми кои 50 отсто од финансиите ги црпат од јавни пари.

„Каков е тој медиумски пазар кој на владата и дава 99 отсто дисконтна цена?! Не ли е тоа уништување на пазарот, на вредноста на тие медиуми?! Ние прво треба да го тргнеме упадот што се прави во медиумите, па потоа да видиме кој е реалниот медиумски пазар. Ако некоја политичка гарнитура сака да ги помогне медиумите, тогаш има разни модели. И така оваа влада сака се’ да субвенционира, дури и начинот на спиење. Ајде нека дава субвенции за земјоделство, за панели, за нови вработувања… Зошто не дава субвенции за медиуми? Меѓутоа, медиумите не им се потребни. Сакаат да владеат без контрола. Медиумите тука се да поставуваат незгодни прашања и ги контролираат како владеат и ги трошат нашите пари. Затоа, немојте да влегувате во таа замка. Владините кампањи не се ништо освен ЕПП на власта, и со тоа пред избори ви ги решаваат изборите“, смета Селмани.

Според него, ако во Хрватска и Словенија има 2 приватни национални телевизии, прашува како во Македонија со толку мал медиумски пазар се распоредени толку многу телевизии? „Не велам дека тие телевизии треба да се затворат, туку да зависат од пазарот, а не од владините реклами“, нагласи Селмани.

Тој потсетува на изјава од основачот на „Њујорк Тајмс“ од 1857 година, Хенри Рејмонд, кој на своите новинари им рекол дека „Весникот не смее да биде изборен памфлет, однос алат или роб на одредена партија“.

„Тоа што на Рејмонд му беше јасно во 1857 година, на сопствениците на МПМ Срѓан Керим и Орце Камчев не им е јасно во 2016 година. Рејмонд беше демократ кој веруваше во слободата и живееше во демократска земја, а Камчев и Керим не се ниту демократи, а уште помалку живеат во демократска земја“, подвлече Селмани.

Претседателот на ЗНМ нагласи и дека низ светот постојат 2 модели на медиуми. Англосаксонското искуство е дека луѓето создаваат медиуми за да градат бизнис. Во Европа, во Франција, Италија, Шпанија.. медиумите никнале како платформи за поттикнување на политички идеи. За разлика од тоа, смета тој, Македонија има советски модел на диктатура кој се среќава во Русија, Белорусија, Турција…

„Ако вие немате слободни медиуми, независно судство, тогаш не можете да се легитимирате како демократска земја. Медиумите ги признаваат се додека можат да ги инструментализираат и користат. Тој концепт трае 25 години. Можеби во претходниот период тоа беше во завиена форма, но ВМРО-ДПМНЕ сега тоа го демонстрира на брутален начин. Медиум да постои само ако е во опслужување за опстојување на власт на ВМРО-ДПМНЕ. Се’ друго е непријателско и треба да се убие. Ако политичките елити не разбираат, не сфаќаат дека слободните медиуми се предуслов да опстоиме како демократија, не знам што друго треба да сфатат. Очигледно се влезени во некој лавиринт на корупција и криминал и не можат од тоа да излезат. Меѓутоа, нема тоа да го решат со затворање на медиуми“, нагласи Селмани.

Повик за отпор и солидарност на новинарите и медиумските работници

Чаусидис смета дека сето ова е израз на една „хаотична и несеериозна политика која за свој заеднички именител ја има тезата дека новинарството е вишок и луксуз кој треба да биде уништен“. Ова, според неа, се само фази во таа операција која не започна од вчера, ама вчера доживеа отворена кулминација.

„Последиците од ваквиот однос се повеќе слојни и ги засегаат не само новинарите во МПМ, не само членовите на медиумската заедница туку сите граѓани. Прво нарушени права и слободи поради економски притисок што го прават врз новинари. Второ, нарушени демократски слободи, бидејќи намерно или ненамерно се загрозени четири дневни весника и еден неделник, најмалку. Трето, ја уриваат цената на новинарскиот труд, која и без тоа е најниска во регионот“, нагласи Чаусидис.

Според претседателката на ССНМ, многумина беа жртви на разни методи. Меѓутоа, бара тоа да биде последен пат. Ги повика новинарите и медиумските работници да кажат „доста“, бидејќи, вели таа, никој не треба да мисли дека ќе биде спасен, амнестиран и заобиколен во целиот процес.

„Состојбата нема да ве заобиколи. Од затворањето на ‘А1’, па досега, сите дојдоа на ред. И тоа е нешто за кое мораме да се погледнеме и јавно да го кажеме. Мораме да бараме тепипични начини на изразување на незадоволство, бидејќи досегашните преговори не’ доведоа до оваа ситуација. Да ни се закануваат со клуч на врата. Тоа се техники кои нацизмот ги спроведувал во логори. Тоа е страшно, со ужасни психолошки последици. Изложени сме на уцени и непристојни понуди кои не се дозволени во цивилизирано општество. Оваа одлука ‘или 10 ќе бидат егзегутирани, или сите ќе бидете егзекутирани’  е токму тоа. Ова е монструозно. А, не е прв пат. Затоа, прес-конференцијата сфатете ја како една од почетоците на јавно давање отпор. Не знам какви начини на отпор ќе смислуваме за понатаму, но ги повикувам колегите кои известуваат. Да дадете отпор, бидејќи на вас е одговорноста како ќе информирате и како ќе се изборите за информацијата за ова што се случува. Постои цела пасионирана активност против вредностите на синдикатот – слободно и професионално работење. Затоа Ве повикувам на отпор и конечно да се солидаризираме“, рече Чаусидис.

Бојан Шашевски