Нискобуџетната авиокомпанија „Визер“ воведува пет нови авиолинии од аеродромот во Скопје. Од ноември ќе се лета до Мадрид и Стокхолм, а од декември до Прага, Бари и Келн. Билетите за Стокхолм, Бари и Мадрид се веќе во продажба. До овие градови авионите на Визер ќе сообраќаат трипати неделно, а до Прага и Ларнака двапати неделно, пренесува агенцијата Мета.
Летовите до овие нови авиолинии ќе стартуваат со почетокот на зимската сезона, со што ќе им се овозможи на патниците на скопскиот аеродром поголем пристап до клучните културни, економски и туристички центри низ Европа, а треба да допринесат и за олеснување на мобилноста и пристапноста“, велат од ТАВ Македонија.
Со најновите пет линии, бројот на новоотворени авиорути во последната година се искачува на 16. Во првата половина на 2025 година, преку скопскиот и охридскиот аеродром се превезени вкупно 1,5 милион патници, што е пораст од 5 % на скопскиот и 11 % на охридскиот аеродром во споредба со истиот период лани.
Програмата за субвенции на Владата предвидува субвенции од девет евра по патник кој слетува во Скопје. Покрај „Визер“, нови линии воведуваат и други оператори како „Туркиш ерлајнс“, „Изиџет“ и „Луфтханза“
„Овие нови авиолинии отвораат нови можности за туризам, вклучувајќи летни одмори и краток одмор во европски метрополи, со што се зголемува одржливиот сообраќај и се зајакнува нашето присуство на европската туристичка мапа. Ваквите развојни активности го зголемуваат и бројот на странски туристи во земјава преку овие авиолинии, придонесувајќи за одржлив раст на сообраќајот,“ изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.