Од Непал преку Индонезија до Франција: Како знамето од „One Piece“ стана симбол на глобалниот бунт

Она што започна како движење предводено од генерацијата Зед за забрана на социјалните медиуми во Непал, бес насочен против раскошниот живот на т.н. „непо-деца“ или „непо-бебиња“ односно децата на богатите политичари, заврши со пад на владата и со најсмртоносните немири во Непал во последните години. Овие протести се сметаат за најмасовни во модерната историја на Непал. Непалскиот Премиер си поднесе дури и оставка од функцијата по палењето на неговиот дом и домовите на голем број други лидери политичари на високи функции, пишува агенцијата Мета.

Речиси истовремено во Индонезија започнаа големи немири откако владата ги зголеми привилегиите за пратениците. Започнаа смртоносни протести, кои поради надоместоците за домување на пратениците што се речиси 10 пати поголеми од минималната плата во Џакарта, ги принудија претседателот на Индонезија, Прабово Субианто, и лидерите на парламентот да направат пресврт во врска со мерките.

Во Франција, пак, има големи протести по наредбата на претседателот Емануел Макрон за назначување на Себастијан Лекорну да ја превземе функцијата нов премиер на Франција. Со ова се појави движењето „Блокирај сè“ по што започнаа едни од најголмите немири во Париз каде се палеа автомобили, се кршеа процорци, судири со полицијата и општо насилство.

Но, едно нешто ги спојува сите овие три протести и немири коишто се случуваат во исто време и сè уште се активни. Покрај незадоволството од локалните власти, она што ги спојува овие три протести во различни земји е и веењето на едно знаме кое е многу популарно кај младите. А, тоа е знамето од приказната на One Piece, за кое сведочиме дека има големо влијание и во реалниот свет.

Фото: Знамето од One Piece извадено на протест во Индонезија, фотографија превземена од X профилот @Hezbolsonaro

Што е One Piece?

One Piece е јапонска манга (јапонски вид на стрип) креирана од познатиот автор Еичиро Ода, кој што воедно е и најпознатиот и најпродаваниот манга серијал во целиот свет. Приказната започнува уште во 1997 година и сè уште е развива, односно за неколку години се очекува да се види нејзиниот крај. Светската продажба на филмот на One Piece брои над 600 милиони парчиња низ целиот свет, и наскоро се очекува да ја надмине и Џ. К. Роулинг со „Хари Потер“ и уште неколку автори кои што пишуваат фикција.

Во приказната се раскажува за пирати коишто пловат низ светот со една главна цел – пронаоѓање на најголемото богатсво на светот, и тој пират што ќе го пронајде ќе бире прогласен „Крал на Пиратите“.

Но, сепак тоа е само еден дел кој се раскажува во приказната. Главниот фокус всушност е објаснување колку лидерите на тој свет познати како „The World Government“ сакаат светот да се оформи и развива на начин каков што тие ќе посакаат. Бришење историја, геноцид и уништување на нации, целосно исчезнување на држави од светот, ловење на пирати, убивање невини лица чисто од забава за лидерите.

Во овој фиктивен, а толку препознатлив свет, луѓето не го користат својот глас да биде чуени. Но, ги веат знамињата – симбол на припадност, заедништво и идентитет. Во фиктивниот свет на One Piece сите пирати кои се борат против светските сили и светската влада се борат со тоа што секогаш гордо го веат своето знаме.

Многу млади со иста цел под знаме од имагинарниот свет

Во последните години, секогаш кога има некакви протести низ светот, посебно во европските и јужно-американските земји ретко може да се најде по едно знаме од One Piece. Станува збор за знамето на протагонистите познати како „Straw Hat Pirates“. На него е прикажана костурска глава препознатлива и од обичните пиратски знамиња, но карактеристично е што носи шапка направена од слама. Пиратите со шапки од слама, тоа е името на екипажот на протагонистите на One Piece.

Иако ретко може да се најде на протестите во Европа, во Непал, на дел од видеата од палењето на парламентот во државата, еден од демонстрантите се качи на главната порта на зградата и го заби знамето од One Piece. Од тој момент беше објавена фотографија којашто го освои светот.

Во Индонезија знамето се појави нешто пред да започнат големите протести, а и можеа почесто да се види на камиони што пренесуваат стока на долги делечини. Тие возачи на камиони ги закачуваа знамињата во знак на револт кон државата.

Сепак, во Индонезија откако владата ги зголеми привилегиите за пратениците, и кога започнаа протестите во кои најпрво загина 21-годишен студент, илјадници млади лица излегоа на улиците со знамиња. Дополнително можеа да се најдат постери и графити на ѕидовите низ Џакарта и ред други работи. Интересен е податокот што приказната One Piece е исклучително популарна во Индонезија, поточно Индонезија е на второто место на земји каде е најпопуларна ова серија, веднаш по Јапонија.

Во Европа, пак, One Piece е најпопуларна во Франција. Ова е од причина што Франција има одлична стрип култура и стрип школа, иако нормално, тука се и Италија, Германија, Шпанија… Високото ниво на стрип-културата било доста препознатливо и во поранешна Југославија.

Што понатаму?

Силата на симболот не лежи само во моменталниот бунт, туку во неговата способност да опстане и да се трансформира. Ако знамето на One Piece продолжи да се појавува на протести ширум светот, тоа значи дека младите веќе го претворија во свој универзален јазик на отпор. Прашањето „што понатаму“ не се однесува само на судбината на протестите во Непал, Индонезија или Франција, туку и на тоа како поп-културата ќе остане алатка за политичка мобилизација. Дали следната генерација ќе најде нов симбол или токму ова пиратско знаме ќе остане обединувачка икона на глобалниот бунт зависи од тоа колку силно младите ќе продолжат да веруваат дека нивната борба е борба за слобода, еднаквост и иднина што им припаѓа.

Но, тука доаѓа и прашањето „што понатаму“ во аспект на животот на приказната на One Piece. Иако приказната трае од 1997 година, таа сè уште не е завршена. Фановите не знаат и нема да знаат уште неколку години дали навистина протагонистите ќе го победат злото во тој имагинарен свет – Светската Влада.