Од идеја за кратко видео до најдобар документарец на „Санденс“ – „Медена земја“ потсетува на моќта на природата

Македонскиот документарен филм за последната жена одгледувач на диви пчели во Македонија, „Медена земја“ премиерно ќе се гледа на фестивалот „Македокс“. По огромната победа на престижниот „Санденс“, од каде собра дури три награди, на документарецот му претстојат бројни проекции дома, но и во странство.

Пред три години, неговите автори не ни помислувале дека документарецот ќе достигне толкав успех. Првичната замисла била да се направи кратко видео за зачувување на природата околу реката Брегалница, во чија близина се наоѓа „Медената земја“, но нивната идеја тргнала во сосема друг правец.

Приказната ја следи пчеларката Атиџе која живее сама со својата мајка во централна Македонија. Главната идеја е да прикаже како човекот припаѓа на природата и како нарушувањето на природната рамнотежа преку нефер искористувањето на ресурсите може да направи дисбаланс од непоправливи размери.

Им требале неколку месеци за да воспостават контакт со ликовите, но со текот на времето успеале да ги придобијат симпатиите, објасни режисерката Тамара Котевска. Таа заедно со Љубо Стефанов, Самир Љума и Фејми Даут речиси секој ден го поминувале со своите ликови.

Во Атиџе го нашле совршениот филмски лик, која ги фасцинирала преку својот начин на живот.

„Важен момент е да ја сака камерата. Атиџе од првиот момент рече дека и се исполнила најголемата желба да дојдат новинари и да ја снимаат како оди по ридовите. Инаку, би се откажале ако немаше соработка. Таа ни беше мотивација за трпение да снимаме и со другата фамилија“, вели Котевска.

За кинематографот Фејми Даут, дел од ситуациите во документарецот се несекојдневни и неповторливи.

Две години чекале за да го снимаат овој кадар

„Самото пристигнување до селото (Бекирлија) беше макотрпно. Условите беа ограничени, немавме струја и едно време почнавме да се снабдуваме со агрегатор, но и тој откажа. Имавме батерии за три до четири дена снимање, па штедевме и гледавме да не трошиме без врска. Спиевме во шатори, во дворот со децата. Тамара ја испокасаа болви. Мачки ни ја јадеа храната, петел ни пееше во 4-5 сабајле и не не оставаше да спиеме“, се потсетува Даут.

За време на снимањето на сцени со пчелите не користеле заштитна опрема. Според Љума, односот на Атиџе кон нејзините пчели им давал доверба и сигурност.

„Мене ниеднаш не ме касна, затоа Фајми ја плати цената и за мене“, се пошегува тој.

Но, режисерот Стефанов вели дека ова не е документарен филм за пчели, туку за принципот на искористување на медот кој го користи Атиџе, а тоа е фер искористувањето на природните ресурси. Таа користела само половина мед, а останатата половина им ја оставала на пчелите.

„Медена земја“ направи промена во нашите животи, вели Котевска. Таа се сеќава дека во целото подготвување за премиерата на „Санденс“, добиле порака дека истиот ден се родило дете во фамилијата која се појавува во нивниот документарец, во ист период кога починала и мајката на Атиџе.

„Љубо ги носеше дисковите и почна да пребарува и откри дека тоа се случило на истиот ден“, вели Котевска.

Структурата на филмот, пак, ја правеле без тон, бидејќи ликовите зборувале на турски јазик, а никој од нив не разбирал турски.

Монтажерот на документарецот Атанас Георгиев, кој воедно е и негов продуцент, од 400 часа снимен материјал на крај успеал да срочи приказна од речиси час и половина. Ветува дека „Медена земја“ ќе стигне до сите киносали во државата.

„Според критиките ние знаевме дека ќе земеме некоја награда. Си викам, можно ли е да земеме две награди, бидејќи ни кажаа дека тоа многу ретко се случувало, но да земеме три, не очекував никако. Доживеавме да имаме поголема публика надвор пред киносалата отколку внатре, кои чекаа за 5-6 места кои останале. Сега следува проекција на филмот низ цела Америка. Нема да изостанат и големите сервиси за стрим како Хулу, кој е подеднакво квалитетен како Нетфликс“, истакна Георгиев.

Тој за време на церемонијата за доделување на наградите застана на бината и упати апел до македонските власти да го решат проблемот со загадувањето.

„Пред да го добиеме тој микрофон на ‘Санденс’, знаевме дека ќе не слушнат многу луѓе и имавме дилема што сакаме да пренесеме. Без разлика што на планетарно ниво пренесовме порака, нас ни беше битно тоа да го направиме и на локално ниво, затоа и таа порака е многу значајна. Луѓето бегаат од различни причини, но кога ќе се загрози животната средина веќе нема избор. Се надевам тоа ќе допре, не само до политичарите и до Владата, туку и до сите граѓани, да имаат на ум дека без таа животна средина ќе нема ништо“, нагласи Георгиев.

Авторите на документарецот во хуманитарна акција за своите ликови

Екипата на „Медена земја“ од неодамна покрена иницијатива со која сакаат да им помогнат на своите ликови да имаат подостоинствени услови за живот. Атиџе сега е во скромен дом во најблиското село каде има основни услови. Но, тие сакаат да им помогнат и на децата од другата фамилија којашто се појавува во документарецот, на кои им е потребно школување.

„Решивме да направиме акција со медот од регионот, кој е органски. Секој што сака да донира, може да го направи тоа така што ќе купи мало тегличе мед, кое е природно богатсво, не за самите медари, туку за онаа средина која ние би сакале да ја промени на подобро“, вели Георгиев.

„Не смее да се дозволи да продолжат во такви услови. Бараме начини како да го направиме тоа“, надополни тој.

Онлајн кампања: Со купена тегла мед донирате на децата од документарецот „Медена земја“

За Љума, филмот бил мотив тој да остане во државата.

„После 4 години живеење надвор од државаа, мислејќи дека можеби никогаш нема да се вратам, Ѓорче Ставрески ме викна да работам на „Исцелител“ и му сум многу благодарен што ме врати, а на Љубо сум му благодарен што ме убеди да останам“, вели тој.

Една работа за којашто и е најмногу драго на Котевска, е тоа што го надминале клишето дека режисерот мора да биде најсуетниот, бидејќи како што истакна, со суета не се прави филм.

„Добар филм се прави исклучиво од срце и кога сите даваат се од себе. Токму тоа и го докажавме како една мала екипа“.

Емилија Петреска