„Од ѕид до платно“ – прва самостојна изложба на Дејан Давчевски

Младиот уметник Дејан Давчевски ја најави својата прва самостојна изложба насловена „Од ѕид на платно“, која ќе се одржи на 10 јули во Младинскиот културен центар. Преку неа, ги одразува промените со кои јавноста ги мина изминатите две години.

„Поминувајќи го времето дома, го користи за да прикаже низ кои очи гледа одредени ситуации. Тој сета оваа промена ја гледа од позитивна страна, бидејќи секој од нас направил промена во својот живот, па така и тој се мотивира да создаде нешто и ја прави својата прва изложба. Неговите дела се потпираат на геометриските форми, кршејќи ги или формирајќи ги во нивните првобитни состојби, со што ја пронаоѓа и љубовта кон ваквото сликарство“, стои во најавата за изложбата.

Фасцинацијата од големите ѕидни површини и можноста што ја нудат е главната причина за големите формати на платната, па така инспириран од графитите и нивните можности за слобода, ги користи за својот ракопис да го престави на платно.

Дејан Давчевски завршил средно образование во ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ – Скопје, оддел графика, а своите студии ги продолжил на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, оддел Ликовна педагогија, модул Графика, под менторство на проф. д-р Трајче Блажевски.

Неговата уметност се врти околу графити-културата и урбаната уметност, често пати пресликувајќи мотиви од секојдневито. Најчести медиуми во неговото творештво се платното и ѕидот, па така наоѓа начин да ја искористи естетиката од графитот и да ја употребува на платно, бидејќи пристапот е сличен.

„Тој преку вештото комбинирање на едноставни геометриски форми прикажува појави што се многу познати за секојдневниот човек. Во однос на палетата на бои, се служи најчесто со основните бои за дa нѐ потсети од каде почнува сѐ“, се вели во најавата за настанот.

#ИнстаИлустрации – Дејан Давчевски