Проектот за развој на циркуларната економија во регионот на Западен Балкан влегува во својата завршна фаза, по двегодишна реализација. Во рамки на оваа иницијатива, беше отворен Центар за поправки „Ништо ново“, каде денеска беа презентирани иновативни производи од три грантисти, насочени кон одржливо искористување на ресурсите и локален економски развој.
„Овој проект е во својата завршна фаза, траеше две години, започна многу убава иницијатива Западен Балкан да се вмрежи и да создаде инфраструктура со која ќе се овозможи циркуларната економија, така ние се одлучивме да го отвориме Центарот за поправки. Денеска ги претставуваме производите на три грандисти кои ќе раскажат што конкретно иновираат“, велат од Центар за поправки „Ништо ново“.

Фото: Радио МОФ
Фокус на локални ресурси и одржлив развој
Од Центарот посочуваат дека регионот има традиција која се вклопува во концептот на циркуларната економија, со акцент на зачувување на ресурсите и локалното производство.
„Во голема мера како подрачје во светот сме биле тренд пред трендот, особено во циркуларната економија, зачувување ресурси, пакување со помала амбалажа, поправки и тие се дел од циркуларната економија. Меѓутоа имаме и наши локални производи кои ги искористуваат потенцијалите на она што го имаме. Значајни се не само за економијата, туку и за развивање на заедниците. Она што го гледаме во сите грантови е да има и работна интеграција, еве се носи и Закон за социјално претпиемништво, значи не само економскиот елемент, туку и ангажирање на локалното население“, велат од „Ништо ново“.
Иновации од рециклирана пластика до нови прехранбени производи
На настанот беа презентирани три различни иновативни решенија – од технолошки до прехранбени производи.
„На овој настан имаме да видиме три иновативни производи, едната е во доменот на рециклирање, се прави филамент за 3д печатење кое што се добива од рециклирана пластика. Другите идеи се иновација во пчеларство, со осврт на трутовото млеко испитано во рами на научен труд, за тоа каква нутритивна вредност има и производ кој е нов на пазарот и локална иницијатива која поризведува различни поризводи со елемент на иновација, во Неготино конкретно го имаме „Еко вита“ кои неискористените печурки ги сушат и ги ставаат во паста или во тестенини, меѓутоа имаат и други иновации кои ги прават на локални производи кои што потекнуваат од наш предел.“
Носители на овие идеи се здруженијата, целта е да се покаже дека на локалниот пазар овие идеи можат да опстојат. А следната задача е нивна комерцијализација и понуда на пазарот.

Фото: Радио МОФ
Благојче Најдовски од Здружението „Јавор“ – Зрновци го претстави производот трутово млеко:
Ние сме од Здружението „Јавор“ Зрновци нашиот производ е трутово млеко. Станува збор за нешто ново што кај нас го нема, бидејќи тоа е чувар на природата. Само еден податок ќе ви кажам дека за период од седум дена од јајцето кога ќе го снесе матицата додека стане ларвичка поклопка ја зголемува својата маса за 4190 пати. Значи станува збор за „чудо“ на природата во делот на хранлива вредност. Ние направивме тутово млеко во неколку комбинации. Приказната почна во Русија, преку Бугарија дојде во Македонија и понатаму ја проширивме на целиот Балкан, истакна Најдовски.
Покрај производи со значајна нутритивна вредност, беа презентирани и производи чија цел е реупотреба и пренамена во областа на исхраната. Конкретно станува збор за пренамена на остатоци од печурки, нивно сушење, преработка и додавање во разни типови прехрамбени продукти, Овој производ го претстави Кристина Тодорова од Здружението „Еко Вита“ – Неготино.

Едниот производ кој денеска го презентираме е „гаџу“ кој е спој од маџун и габи и така го добивме тоа име и се користи исто како што го користиме маџунот, а е добиен на тој начин што свежите печурки дел се продаваат, а оние кои остануваат наместо да се фрлат, ги сушиме и ги додаваме во овој иновативен производ. Исто имаме и друг производ кој се нарекува „мушрони“, тоа се тестенини со печурки. Гаџунот е направен со габата кордицепс, додека мушроните се направени со додаток на габата „вргањ“, вели Тодорова.
Иновации во рециклирање
Покрај иновации во создавање на нови прехрамбени продукти на пазарот, но и нивна пренамена, на настанот беше претставен и иновативен производ кој се користи со цел да се поттикне рециклирањето на пластиката и да се создаде производ со додадена вредност кој може да има солидна цена на пазарот.

Во нашиот случај станува збор за Ино тех Клуб од Штип, ние работевме на проект во кој покажавме како од отпад кој завршува на депонија да се направи производ со додадена вредност. Поточно од четири типа на отпадна пластика, рециклирање на таа пластика и добивање на филамент за 3д принтер. Поконкретно од пластично шише добивме филамент кој се користи за 3д принтање, а е создаден од рециклирана пластика. Нашата мисија беше да го поттикнеме рециклирањето на пластика, која во најголем број случаи завршува на депониите“, вели Верица Јорданова.
Презентираните иницијативи покажуваат дека циркуларната економија може да се развива преку локални ресурси, иновации и вклучување на заедницата, со потенцијал овие идеи да прераснат во одржливи пазарни решенија, заклучуваат организаторите на настанот.
Мадалена Стојмановиќ – Константинов



