Од денес во Црна Гора истополовите партнери можат да стапат во брак

Припадниците од ЛГБТИ заедницата во Црна гора од денес законски можат да стапат во брак пред матичар, а за венчање засега чекаат 20 истополови парови, пренесува „Радио и телевизија Црна Гора“.

Денес во Црна Гора на сила стапува Законот за животно партнерство на лицата од ист пол, па истополовите партнери откако ќе го кажат „судбоносното да“ можат да добијат уверение за склучениот брак.

Сепак, за тие да можат да ги уживаат сите права кои произлегуваат од законот ќе мора да почекаат дури надлежните не донесат уште неколку прописи во вид на подзаконски акти.

Претседателот на Управниот одбор на „Квир Монтенегро“, Даниел Калежиќ за „Дневне новине“ истакнал дека воведувањето на законот за нив е многу значано – овој ден го чекале 10 години.

Дополнително, Калежиќ забележал дека според информациите со кои располагаат, моментално 20 истополови парови чекаат ред за во матично.

„Ова за нас е презначајно бидејќи конечно нашите семејства ќе бидат и законски препознаени. После 10 години од првата иницијатива, ние сме чекор поблиску до рамноправност. Сепак, законот не решава сè, чекаме уште 26 закони за бидат дополнети, односно да бидат складни со промената за во пракса да можеме да ги користиме сите права кој законот ни ги дозволува“, изјавил Калежиќ.

Неодамна, 20 матичари и матичарки од осум црногорски општини завршиле семинар за животни партнерства.