Од 788 бриса, 126 позитивни случаи на Ковид-19 во седум штипски конфекции, соопшти Филипче

Во седум штипски конфекции кои биле идентификувани како ризични, земени се 788 бриса, а потврдени се 126 позитивни случаи на Ковид-19, соопшти на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче. Филипче додаде дека во болница се хоспитализирани 24 лица, а сите останати се на домашно лекување, или самоизолација, во зависност од симптомите.

„Од решенијата, вкупно издадени од Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ), 400 лица се контакти. Откако се направи овој пристап, тестирање, изолација на сите контакти, состојбата во Штип и во тетовско постепено се смирува“, посочи Филипче.

Во меѓувреме, во Охрид на семејна прослава со околу 200 присутни, досега се потврдени осум позитивни пациенти, додека 40 контакти се во изолација, рече Филипче.

„На семејна прослава, свадба во Скопје на која имало 100-тина присутни, потврдени се 14 досега позитивни на вирусот. Голем проблем на епидемиолозите и инспекторите на ДСЗИ им создава овој случај, несоработката на присутните на таа прослава“, рече Филипче.

Како што посочи министерот, епидемиолозите се уште се соочуваат со проблемот со обезбедување контакти и давање на вистинити податоци.

„Се уште се евидентираат и прекршувања и непочитувања на мерката за самоизолација, но и на пропишаните мерки за групирање и за лична заштита. Во контекст на ова, се засилени контролите согласно координативните состаноци, состанокот на централниот штаб во кој надлежните, кои се задолжени да ги спроведуваат на терен овие активности. Владата веќе има донесено уредба со која што се определува за лице кое ќе го прекрши решението за самоизолација, или дава лажни податоци во врска со лицата кои било во контакт, ќе му се одреди мерката државен карантин, во времетраење од 14 денови, за што МВР донесоа решение, а трошоците за сместување се надоместуваат од страна на лицето“, посочи Филипче.

Овој бран, како што рече Филипче, се уште трае, иако две од четирите големи жаришта полека спласнуваат.

„Сега постепено, согласно спласнувањето во Штип и постепено во тетовско, сме сконцентрирани на сузбивање на преносот на заразата, тука во Скопје. Препораките на Комисијата остануваат исти и барам апсолутно да се почитуваат од сите граѓани, заради тоа што пред нас е долга битка со вирусот, кој очигледно е дека е тука и ние ќе мора да научиме соодветно да живееме со него. Мора да се научиме да ги почитуваме овие мерки кои се базираат на трите принципи, да се носат маски, да се одржува дистанца, да се одржува хигиена, односно, миење често, дезинфекција на рацете, заради тоа што тоа е нашиот нов начин на живот“, рече Филипче.

Тој порача дека мора да се почитуваат и здравствените работници, а посочи дека изминатите денови поради давање неточни податоци, повеќе здравствени работници се во изолација.

Во изминатото деноноќие се потврдени 175 нови случаи на Ковид-19, односно, регистриран е 131 случај во Скопје, 24 во Куманово, пет во Тетово, четири во Велес, по два случаи во Штип, Прилеп, Струга, Гостивар и Свети Николе и еден случај во Охрид.

Од МЗ претходно соопштија дека починале и пет лица, тројца од Скопје, еден пациент од Гостивар и еден пациент од Прилеп.

175 новозаразени, пет починати и 18 оздравени пациенти од Ковид-19 во изминатото деноноќие

М.К.