Од 26 до 29 јуни денови на португалската кинематографија во Кинотека

Од 26 (среда) до 29 (сабота) јуни во Кинотека ќе се прикажуваат четири филма од португалската кинематографија.

„Се работи за ремастирани копии на општествено ангажираните, неколку децении стари филмски творби. Ова е несекојдневна прилика да се видат вакви филмови, што бездруго и е повеќе од потребно на нашата кино публика. Потребно е да се проследат и продискутираат делата на кинематографиите кои не ни се многу познати. Овие филмови се речиси непроценлив историски документ, создадени во центарот на  турбулентните настани во тогашната Португалија. Тоа се и своевидни манифести за односот меѓу киното и политиката, за самиот медиум на филмот, не само како обичен набљудувач на настаните туку пред сè како активен учесник во револуционерниот чин“, велат од Кинотека.

Проекциите почнуваат во среда (26 јуни) во 20.15 часот со „Оружје и луѓе“ (As Armas e o Povo), документарец снимен во 1975 година. Режијата е на Колектив на работниците за кинематографската дејност (Colectivo dos Trabalhadores da Actividade Cinematográfica)

На 27 јуни ќе биде прикажан „Трас ос монтес“, снимен во 1976 година според сценарио и во режија на Антонио Реис и Маргарида Мартинс Кордеиро. Улогите ги толкуваат Албино С. Педро, Карлос Маргаридо, Маргарида Мартинс Кордеиро.

На 29 јуни ќе има две проекции – „Маскарас“ во 18 часот и „Бегалец“ во 20.15 часот. Документарецот „Маскарас“ е снимен во 1976 година, во режија на Ноемиа Делгадо, по сценарио на Бенјамин Переира и Ернесто Веига де Оливеира. „Бегалец“ е игран филм од 1978 година, во режија на Луис Филипе Рока, по сценарио на Луис Филипе Рока и Арналдо Абоим.

Влезниците ќе чинат 150 денари, а возрасната група за која се препорачуваат филмовите е над 16 години.