Основното јавно обвинителство Велес отвори предмет по допрен глас по изјавите на митрополитот на Повардарската епархија, Агатангел, кој ги повика верниците на масовно одење во црквите за време на верскиот празник Задушница, додека во сила е забраната за групирање и забрана за пристап до гробиштата на територијата на целата држава.
„Со цел утврдување на факти во предметот и евентуална кривична одговорност, велешкото обвинителство даде насоки на СВР Велес за обезбедување на податоци во однос на стореното дело и испитување на околностите дали содржи обележја на кривично дело, како и во поглед на почитувањето на мерките кои се определени од страна на Владата на Република Северна Македонија“, соопштија од Обвинителството.
Вчера и Министерот за здравство, Венко Филипче побара од свештеното лице на Македонската православна црква да го повелече повикот за посета на црквите, посочувајќи дека доколку се случат масовни собири сериозно ќе биде загрозено и здравјето на присутните на овие собири, како и колективното здравје во земјата.
Вчера беа регистрирани 120 нови случаи на Ковид-19, додека два пациенти починаа од вирусот. Во моментов во земјава има 843 активни случаи на заболени од вирусот што е значително зголемување од пред само една недела кога во земјава имаше 450 пациенти со коронавирусот.
Владата донесе одлука да се воведе целосна забрана на движењето на сите граѓани во Скопје, Куманово, Липково, Штип, Тетово, како и Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце во теков на продолжениот празничен викенд, додека за останатите градови полицискиот час ќе започнува од 16 часот и ќе трае до 05 часот.
Истовремено Владата одлучи и дека во од вечерва од 21:00 часот до понеделник наутро се забранува посета на гробиштата на територијата на цела држава, освен за погреби.