Филипче: Епископот да го повлече повикот за посета на црквите, собирите ќе го загрозат колективното здравје

Откако епископот на Повардарската епархија побара верниците за празникот Задушница масовно да ги посетат храмовите, бидејќи гробиштата за Духовден ќе бидат затворени, Министерот за здравство, Венко Филипче побара од свештеното лице на Македонската православна црква да го повелече повикот.

„Јас го повикувам епископот да го повлече повикот да се посетуваат храмовите. Ова е многу осетлив период во овој момент на епидемиолошката крива и тој повик е спротивен на се што сега правиме да се заштити јавното здравје. И секако спротивен и на многу уредби коишто Владата ги има донесено, а тоа е пред се уредбата за забрана на масовни собири и тоа е нешто кое ако доколку се случи, сериозно ќе го загрози здравјето на сите кои ќе бидат таму присутни како и јавното здравје“, апелираше Филипче.

Министерот истовремено потенцираше дека сите треба да бидат свесни дека се некому пример.

„Во однос на нашето лично однесување, сите ние даваме личен пример. Даваме на децата дома, даваме на сите млади и во општеството. И ние како политичари, избрани функционери во повеќе фокус-таргет групи, верските лидери со своите повици и однесувања, мора да сме свесни дека од сите нас зависи“, изјави Филипче.

Денеска беа регистрирани 120 нови случаи на Ковид-19, додека два пациенти починаа од вирусот. Во моментов во земјава има 843 активни случаи на заболени од вирусот што е значително зголемување од пред само една недела кога во земјава имаше 450 пациенти со коронавирусот.

Владата синоќа, согласно препораките на Комисијата за заразни болести, донесе одлука да се воведе целосна забрана на движењето на сите граѓани во Скопје (сите скопски општини), Куманово, Липково, Штип, Тетово, како и Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце, почнувајќи од четврток (4 јуни) од 21:00 часот до понеделник (8 јуни) до 05:00 часот.

Во сите останати градови, се забранува движење на сите граѓани од вечерва од 21:00 часот до петок до 05:00 часот наутро, а во петок, сабота, недела во овие градови забраната започнува од 16:00 часот и трае до следниот ден до 05:00 часот наутро.

Истовремено Владата одлучи и дека во од вечерва од 21:00 часот до понеделник наутро се забранува посета на гробиштата на територијата на цела држава, освен за погреби.