Обвинителството отвори истрага за софтверот на ДИК кој се сруши на денот на изборите

Четири лица од Државната изборна комисија (ДИК) и сопственик на правно лице се под истрага на Јавното обвинителство за набавка на софтверот кој ги пресметуваше изборните резултати на последните парламентарни избори во очекување на првите резултати се сруши и два дена беше недостапен за граѓаните.

Од Обвинителството утврдиле дека осомничените со неизвршување на своите службени должности при спроведување постапка за јавна набавка го прекршиле Законот за јавни набавки со тоа што не утврдиле дека економскиот оператор не ги исполнува условите за учество во постапката, не спровеле правилна постапка за евалуација на доставените понуди во постапката за јавна набавка, ниту било објавено Известување за поништување на постапката за доделување на договор за јавна набавка во предвидениот законски рок.

„Исто така, не било извршено тестирање и финален тест на софтверот пред истиот да биде имплементиран и не бил извршен увид во спроведената постапка со преговарање, иако биле должни да го направат истото пред да биде потпишан Договорот, како и да утврдат дека Извештајот од спроведена постапка бил изготвен спротивно на Правилникот за начинот на пополнување на образецот на Извештајот од спроведената постапка“, додаваат од Обвинителството.

Оттаму додаваат и дека при изготвувањето на техничката спецификација за јавната набавка незаконски бил консултиран учесник во постапката, со што за две правни лица била прибавена корист – право да учествуваат во постапката за јавна набавка и да склучат договор за истата.

Обвинителството тврди дека правните лиц незаконски заработиле 900 илјади денари и 350 илјади денари.

Заради непречено водење на кривичната постапка, надлежниот обвинител до Основниот кривичен суд – Скопје предложило за осомничените да се определат мерки на претпазливост: забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето; обврска на осомничените да се јавуваат повремено на определено службено лице или кај државен орган; привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забарана за нејзино издавање и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.