Обвинителството денеска започна со увид по пожарот во Универзална сала

Основното јавно обвинителство Скопје информира дека увидни екипи со јавен обвинител денеска го започнаа увидот на објектот на Универзалната сала каде вчера изби пожар.

„Локацијата ќе биде детално прегледана за да се обезбедат сите докази неопходни за утврдување на причините за настанување на пожарот. Стручно вешто лице ќе се произнесе дали пожарот е евентуално предизвикан од човечки фактор или се работи за несреќен случај“, соопштија од Обвинителството.

Во текот на вчерашниот ден, во рамките на своите надлежности, Државниот инспекторат за труд изврши контрола на работењето на фирмите ангажирани за реконструкција на објектот и изготви записник.

Во Универзалната сала која пред еден месец започна да се реновира, вчера утрото избувна пожар во кој изгоре куполата на објектот. Откако пожарникарите го изгаснаа пожарот, читава остана само металната конструкција.

Министерството за внатрешни работи вчера соопшти дека се приведени тројца градежни работници кои изведувале работни задачи во моментот на пожарот во Универзална сала во Скопје.

„Бидејќи сѐ уште трае фазата на прибирање докази, односно до овој момент не е утврдено дека пожарот настанал како последица на човечки фактор, вчера во полициска станица беа земени изјави од три задржани лица, по што тие беа пуштени со оглед на тоа што во оваа фаза нема основ за нивно натамошно задржување“, наведуваат денес од Обвинителството.

Министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска најави дека реконструкцијата ќе продолжи веднаш откако ќе се санира настанатата штета.

„Направена е само материјална штета која ќе се утврди колква е пред да се продолжи со градба. Заедно со стручни лица од градежен факултет и од сите релеванти институции кои досега учествуваа ќе се утврди која е причината за штетата. Морам да потенцирам дека објектот е осигуран. Од осигурувањето ќе се санира штета која што е направена и потоа ќе се продолжи со градба“, изјави Костадиновска Стојчевска.

Реконструкцијата на Универзална сала ќе продолжи веднаш по санирање на штетата од пожарот, најави Костадиновска Стојчевска