Објавена програмата за „ОФФест 2023“

Новото 22-ро издание на „ОФФест“ ќе се одржи меѓу 7 и 10 јуни, а организаторите од „Скопје џез фестивал“ најавуваат програма со осум концерти и една проекција на документарен филм.

Фестивалот стартува на 7 јуни од 20 часот во Националната опера и балет (НОБ) со концертот на Мисиа и нејзиниот придружен состав. За Португалката Мисиа велат дека е пионер, слободен дух, што успеа да изгради своја патека во жанрот и веројатно затоа некои ја нарекоа „анархист на фадото“.

„Безброј награди и одликувања, како и стотици илјади продадени плочи низ светот, добро ја илустрираат важноста на овој уметник во историјата на фадото, во португалската музика воопшто, во минатото и иднината. Нејзиниот уникатен глас одново и одново импресионира со својата театралност и авторитет што е неспоредлив!“, посочуваат организаторите.

Наредниот ден, 8 јуни, публиката ја очекуваат два концерти, повторно во НОБ. Прва на сцената ќе се качи Мари Калкун од Естонија, за чија музика велат дека иако ја пее на јазик што малкумина го разбираат, таа создава медитативна и необична атмосфера која предизвикува многу емоции.

„Нејзините слободни музички аранжмани во основа се детерминирани од звукот на канелот – традиционална естонска цитра. Така, она што останува во преден план е гласот на Калкун, кој е во исто време меланхоличен и радосен, нежен и спокоен. Мари признава дека за неа е клучно за кого и за што пее – многу од нејзините песни се посветени на блиски луѓе блиски или на животни пресвртници како раѓање, смрт или свадба“, соопштува „Скопје џез фестивал“.

На границата меѓу автентичноста и пренесувањето на културното наследство низ самоизразување, македонската уметница Зарина Првасевда го пронајде својот сопствен израз на нејзиниот долгоочекуван деби албум „Ехо“, издание што содржи единствен пристап – 11 традиционални песни на 4 различни јазици. Сега таа заедно со својата музика ќе го претстави и на „Оффест“, истиот ден, веднаш после Мари Калкун.

„Додека нејзините вокални техники се темелат врз источно-европските традиции, инструменталната и ритмичката разновидност дише низ целата плоча. Ова ниво на зрелост не може да се означи само како музика на светот – благодарение на нејзината социјална чувствителност, нејзините длабоки врски со природата што ја опкружува и претходните соработки со сродни музичари и филмски работници од регионот, Зарина сè уште сака да ги собира и споделува приказните со кои се среќава“, соопштуваат организаторите.

Во петок, 9 јуни, на сцената на НОБ први ќе настапуваат Џастин Адамс и Мауро Дуранте, за кои велат дека се врвни музичари со различен бекграунд кои ги обединува нивната длабока поврзаност со древната транс музика.

„Заедно, тие создаваат жив, соголен звук кој се движи и маѓепсува, со едноставни мелодии и опсесивно-репетитивни обрасци, подеднакво соодветни за танцување и мечтаење. Нивниот прекрасен деби албум ‘Still Moving’ беше снимен во еден здив, директно на лента, помеѓу карантините од 2020 година“, посочуваат организаторите.

Вториот македонски претставник на „Оффест“, втор настапувач на 9 јуни, е Крсте Роџевски – пејач, гитарист и композитор, активен на авангардната „даунтаун“ сцена од неговата преселба во Њујорк во доцните деведесетти.

„Новото, шесто по ред, издание на Роџевски под наслов ‘Black Earth’, продуцирано од Бил Ласвел, ќе излезе во втората половина на оваа година, за Defkaz Records. На неговиот соло акустичен настап на OFFest, тој ќе ги претстави своите песни во една чиста, наивна и соголена форма, ослободена од студиските дотерувања“, стои меѓу другото во најавата.

Последнавта вечер фестивалот се сели во Младинскиот културен центар. Таму, во киното „Фросина“, најпрво од 19 часот е најавен документарниот филм „Little Blue Nothing“ – музички портрет на Ирена и Војтех Хавлови.

Чешкото дуо потоа од 20 часот ќе одржи и свој концерт во „Фросина“.

„The Havels имаат речиси 40-годишна заедничка уметничка кариера и партнерство зад себе. Започнаа да работат заедно во средината на 80-тите како дел од експерименталниот ансамбл Capella Antiqua e Moderna, уникатна асоцијација на музичари чиј репертоар опфаќаше различни стилови на европската класична музика: од ренесансата до современата. Со текот на годините тие минаа низ неколку сопствени развојни фази, патувајќи далеку и широко, низ времето и просторот“, велат организаторите.

Директно од срцето на Магреб, во денсинг салата од 22 часот доаѓаат „Bab L’ Bluz“ (во превод: „порта на блузот“). Тие го редефинираат традиционалниот северноафрикански блуз на нетрадиционален начин.

„Овој квартет, формиран во Маракеш во 2018 година, е инспириран од мароканските музички традиции, во комбинација со рок музиката, современите звуци и мароканскиот поп. Етикетирани како ‘психоделичен марокански рок бенд’, тие се истовремено древни и актуелни, традиционални и современи, фанки и ритмични, со моќни вокали и тешки бас грувови“, стои во најавата.

„Оффест 2023“ финишира во МКЦ со полноќен концерт на гитаристот Дизи Манџеку, кој го карактеризираат како жива легенда на конгоанската румба. Пред да стане член на славниот оркестар OK Jazz на Франко Луамбо Макиади во 60-тите и 70-тите, Дизи веќе предводи неколку бендови, настапувајќи со бројни великани на конгоанската музичка сцена.

„Во тоа време, Дизи и Сем Мангвана ги оформија African All Stars. Оваа формација, предводена од Дизи, имаше големо влијание на глобално ниво. Под уметничкото раководство на Дизи, Orchester African All Stars International објави три албуми, кои се сметаат за вистински конгоански споменици. Музичкото наследство и културното значење на Франко Луамбо Макиади и неговиот бенд T.P.O.K. Jazz е огромно. Конгоанската румба од неодамна е прогласена за нематеријално културно наследство на УНЕСКО“, соопштува органозаторот.