Објавена листа на региони кои се најранливи на климатски промени – на врвот доминираат кинески провинции

Кина е дом на 16 од 20-те светски региони најранливи на климатски промени, според податоците објавени денеска кои покажуваат дека некои од најважните производствени центри во светот се изложени на ризик од зголемување на нивото на водата и екстремни временски услови, пренесува Данас.

Експерти за климатски ризик анализираа повеќе од 2.600 региони ширум светот користејќи климатски модели заедно со временски и еколошки податоци за да ја проценат економската штета што зголемувањето на температурите може да ги предизвика до 2050 година. Студијата се заснова на пораст на температурата за 3 Целзиусови степени до крајот на векот, според сценариото развиено од Меѓувладиниот панел за климатски промени.

Податоците покажаа дека некои од двигателите на глобалната економија се соочуваат со катастрофални ризици како што се зголемувањето на нивото на морето, поплави на реки и шумски пожари, што исто така може да ги намали цените на недвижнините и да ги одврати инвестициите, велат експертите.

„Веќе ги чувствуваме значајните влијанија на временските настани ширум светот и тие само ќе се зголемат. На крајот, ние само сакаме да бидеме сигурни дека секоја инвестициска одлука е донесена на начин кој е отпорен на климата“, изјави експертот Рохан Хамден.

Ал Џазира пренесува дека по Кина, најранливи региони има во САД. Флорида е рангирана на 10-то место на глобално ниво и е најзагрозена сојузна држава во САД, а по неа следат Калифорнија и Тексас.

Девет области на Индија, исто така, се најдоа во првите 50 најранливи региони. Други големи економски центри во топ 100 листата се аргентинскиот Буенос Аирес, виетнамскиот Хо Ши Мин и индонезиската Џакарта. Во Европа, германскиот регион Долна Саксонија се смета за најранлив на климатските промени. Италијанскиот регион Венето, каде се наоѓа градот Венеција, е рангиран како четврти најзагрозен регион во Европа.