Министерството за животна средина и просторно планирање ја објави финалната нацрт-верзија на Предлог-законот за климатска акција, долгоочекуван правен акт што треба на земјава да ѝ даде насоки и да постави цели во напорите за намалување на емисиите на стакленички гасови, како и за адаптација и градење отпорност кон климатските промени, јавува Мета.
С. Македонија постави високи цели со прифаќањето на обврските од Договорот од Париз, што предвидува продолжување на напорите за ограничување на зголемувањето на температурата на 1,5 степени над прединдустриските нивоа, како и поддршка на заложбите за климатска неутрална Европа до 2050 и се обврза да го даде својот придонес.
Законот за климатска акција предвидува нови обврски за државните органи и за локалните самоуправи, воведува формирање нови тела со нови функции, како и нова давачка – јаглеродна такса. Државните институции ќе мора да формираат институционална структура за мониторинг, известување и верификација на емисиите на стакленички гасови, како и Национално координативно тело за сите мерки и политики за климатска акција на земјата.
Општините во иднина ќе мораат да ги интегрираат планските документи како што се ЛЕАП и Програмите за енергетска ефикасност и да ги усогласат сите политики поврзани со енергија и клима со Стратегијата за климатска акција и со интегрираниот план за енергија и клима.
Законот за климатска акција воведува и нова давачка која ќе треба да се применува и која доколку не беше пропишана со овој закон ќе ни ја наметнеше Европската Унија преку извозот на наши производи. Се работи за данокот на јаглерод, еколошки данок кој треба да е ефикасен начин за борба со климатските промени и стимулација за нискојаглероден развој на земјата и поттик на компаниите што помалку да користат фосилни горива во производството.
Објавувањето на финалната нацрт верзија е чекор поблиску до донесувањето на еден од најважните закони што се очекува веќе неколку години наназад. Во септември 2021 година Владата ја усвои првата Долгорочна стратегија за климатска акција на С. Македонија, со која се дефинира патот кон зелен, ниско-јаглероден и климатски отпорен развој на земјата. Донесувањето на документот следуваше по поднесувањето на ревидираниот национален придонес кон Парискиот договор.
И за Законот за климатска акција се зборува уште од 2020 година, а првичните најави дека ќе се најде пред пратениците во Собранието беа во 2021 година, но потоа неколкупати се одложуваше. Една од причините беше и усогласувањето и адаптирањето на решенијата на национално ниво со новата ЕУ регулатива во 2022 година. Усвојување на законот редовно бара и Европската Комисија преку своите Извештаи за реформскиот напредок на земјава.