ОАЕ исмеани поради твит за награди за родова рамноправност само со мажи

Обединетите Арапски Емирати се исмеани на социјалните мрежи поради фотографија објавена на Твитер од победниците на наградите за родова еднаквост на која се појавуваат само мажи.

На фотографијата е прикажан шеикот Мохмед бин Рашид Ал Мактум, кој управува со Дубаи, како им честита на добитниците на наградите за „Најдобрата личност во поддршката на родовата рамноправност“, „Најдобра служба во поддршката на родовата рамноправност“ и „Најдобра иницијатива за родова рамноправност“.

Шеикот изјавил дека жените се централни во градењето иднина за земјата. Сепак многу корисници на Твитер поставуваа прашања околу нивното очигледно отсуство од церемонијата.

Во твит кој се појавил подоцна, ПР службата на Дубаи споделиле и фотографија на која се појавуваат пет жени, кои не се именувани, како и изјава од сопругата на шеикот, Манал бинт Мохамед бин Рашид Ал Мактум, претседателка на Советот за родова еднаквост на ОАЕ дека земјата ја постигнала целта поставена во 2015 за да се намали родовиот јаз низ сите сектори на власта.

Во април, кабинетот на ОАЕ ја усвои законската измена со која се овозможува еднакви плати за мажите и жените.

Сепак, минатиот месец земјата беше позиционирана на 121-то место од 149 земји во светот според родовиот јаз во Извештајот на Светскиот економски форум за 2018 година.

Слична ситуација, пред две години, имаше и при формирањето на Женскиот совет во Саудиска Арабија, каде на фотографијата од првиот состанок на телото имаше 13 мажи и ниту една жена.

Саудиска Арабија формираше женски совет – без жени