Саудиска Арабија формираше женски совет – без жени

На формирањето женски совет во Саудиска Арабија, државата која не е позната по давање можности на младите жени во јавниот живот, се гледаше како на охрабрувачка иницијатива. Но, кога претставниците го одржаа инаугуралниот состав на советот во провинцијата ал-Касим очигледно заборавиле една работа: жените.

Објавената фотографија од првиот состанок на женскиот совет од Касим прикажува 13 мажи на сцена и ниту една жена.

Младите жени, според информациите, се наоѓале во друга соба, поврзани преку видео врска, пренесува ББЦ.

Фотографијата почна да се шири преку социјалните мрежи, по одржување на состанокот во саботата. Корисниците ја споредуваат со уште еден вирален хит – фотографијата на американскиот претседател Доналд Трамп, опкружен со мажи додека го потпишува новиот закон за абортус во јануари.

Формирањето на саудискиот совет за млади жени го предводел принцот Фајсал бин Мишал бин Сауд – гувернерот на провинцијата, кој рекол дека е горд на конференцијата и дека таа била прва од таков вид во кралството.

„Во регионот Касим, гледаме на жените како сестри на мажите и чувствуваме одговорност да создадеме сè повеќе и повеќе можности кои ќе им помогнат на жените и девојките“, рекол тој.

Во Саудиска Арабија ригорозно се применува државната политика за родова сегрегација помеѓу мажи и жени кои не се во роднинска врска. Сепак, земјата се движи кон ослободување на некои од правилата, како дел од нивната програма „Визија 2030“. Во неа е вклучен планот за подигање на учеството на жените во работната сила од 22% на 30%.

Во неговиот говор, на формирањето на Советот, принцот Фајсал изјавил дека жените сочинуваат половина од општеството, иако, гледајќи по фотографијата – не би се забележило.