„О2 Иницијатива“: Секоја година иста песна, се гушиме од загадувањето, а нема одговорни

Секоја година иста песна. Се гушиме од енормно загадениот воздух. Умираме од енормно загаден воздух. Планот за чист воздух до каде е? Сите ќутат, требаше да имаме до 50% помало загадување во Скопје. Одговорни? Никој. Си се тера така, ќутенката. Макрадули замина во Пошти и сега нема одговорно лице, реагираат од „О2 Иницијатива“.

Еко-активистите велат дека ако домаќинствата што се греат на дрва имаат голем удел, а нив ги има над 52.000 во Скопскиот регион, и да се одземат од нив 5.000 инвертери на град Скопје, остануваат над 47.000 објекти.

„Минатата година Пандо и Митре Петковски од Скопје направија уред со филтер од порозна бронза и активен јаглен за отстранување на PM честичките, диоксините, фураните, кои се едни од најтоксичните и канцерогени материи. За филтерот беше потребна многу мала инвестиција која може да си ја дозволи секое семејство. И што стана? Институциите се заинтересираа? Има масовно домашно производство на овој филтер? Наместо ова да е поддржано (наградуван е на меѓународен саем) и да видиме аир од него, на ФИТР за секакви нешта се дадоа пари, ама не гледаме некоја голема добивка од нив. Зошто овој филтер не е обврзувачки за сите кои се греат на дрва⁉️ Ако постојано домаќинствата се наведуваат како голем извор на загадувањето, а има и други извори, зошто не се преземаат вакви мерки⁉️“, забележуваат од „О2 Иницијатива“.

Од таму реагираат дека Законот за контрола на индустриски емисии никако да ја види свелината на денот. Според „О2 Иницијатива“ тој „дреме некаде од 2016 година“, иако велат дека со него ќе стапеа на сила построгите вредности за индустриските загадувачи кои ги имаме многу во Скопје и роковите ќе течат.

„Еколошките налепници за возилата до каде се? Ај што се влечеше измената на законот долго време, од кога се донесе каков-таков, Правилникот за еколошката категоризација на возилата и налепниците требаше во рок од 6 месеци да го донесе Кресник Бектеши, но еве, и после година ипол дена не е донесен! За запалените диви депонии ич да не правиме муабет. Сега, во ек на загадување ќе се чистела депонијата во Шутка/Визбегово и ќе се оградувала и обезбедела. Што правеа до сега⁉️ Петре Шилегов на игнор ги ставил барањата на кои се обврза предизборно,  https://mojvozduh.eu/web/counter/, важно се сликаше тогаш и си потпиша обврска, ама еве година дена не сака да даде НИКАКОВ отчет до каде е остварувањето на тие барања, иако многуапти беше испратено до него да нè извести. Тоа е тој принцип, фанфари на почеток, после молк. Срамота“, стои во реакцијата на еко-активистите.