О2 Иницијатива: Дали надлежните свесно ја лажат јавноста за случајот во Охис?

Колку подолго се разгледува случајот Охис и чистењето на хемискиот опасен отпад, се отвораат нови прашања и расте неверувањето дека надлежните се способни да се справат со ваква сериозна закана, се вели во соопштението-анализа од О2 Иницијатива.

Активистите потсетуваат на Елаборатот од април 2019, објавен на страната на Министерството за животна средина, каде се вели: „При инвертаризација на резервоарот со метил акрилат е забележано дека истиот го нема во резервоарот. Се претпоставува дека целата количина на метил акрилатот е испарена преку одишокот“.

Оттука, според О2, три дена надлежните се сликаат до цистерната во која стоел метил акрилатот кој го миеле со вода, а не се растворал во вода, а кој според Елаборатот го немало пред да започне постапката.

„Дали свесно ја лажевте јавноста? Ако не, дали сте одобриле елаборат со неточни податоци? Што испарило? Која од наведените супстаници со слични симптоми ја дишеле скопјани 20 часа пред да излезете на терен и 40 часа по констатирањето дека нема никакви траги од метилакрилат во воздухот, зошто инаку тој ќе стои два дена и ќе ве чека да го испитате“, велат активистите.

Понатаму, О2 Иницијатива истакнува дека е важно во огласот, објавениот тендер кој фирмата „Екоцентар 97“ го добил, стоело дека има 11 тони метил акрилат мономер што треба да се отстрани.

„А всушност, немало воопшто, како и 35 тони акрилонитрил мономер, а имало 5 до 10 тони, и метанол за кој во огласот стоело дека се околу 50 тони, а биле 25 до 30. Сумата која му е исплатена на ‘Екоцентар’, околу 2 милиона евра, е и за тие непостоечки над 50 тони хемиски супстанции“, забележува О2.

Исто така, прашуваат активистите, како е можно оглас за отстранување-дислоцирање, уништување или неутрализирање на тони и тони опасни, експлозивни, токсични хемиски материи од Охис биде објавен во весникот „Вечер“ со рок од 15 дена да се достават понудите.

„Мислам, да беше дислокација на мебел, маси и столици, разбираме. Ова е како за отстранување на линданот да објавеа во Вечер со рок од 15 дена, па кој прочита, прочита“, велат од О2.

Во однос на „Екоцентар“ и огласот за понудувач, бидејќи нема дозвола за транспорт на опасен отпад, прашуваат активистите, таа склучила договор во две недели со фирма од Бугарија која – има дозвола?

„И како е можно воопшто да стои во огласот дека не мора да има дозвола самата фирма понудувач, кога законот за управување со отпад тоа го бара?! Ваков оглас не смеело да се објави, уште помалку да го одобрат тие кои биле надлежни за тоа. Претходно искуство со вршење на слични дејности ‘Екоцентар 97’ – нема. Самиот сопственик изјави дека ова им е прв пат. Па како да имаат искуство, кога немаат ни дозвола за вакви дејности! Во двете недели ‘Екоцентар 97’ успеал да склучи и договор со меѓународна европска акредитирана лабораторија! Ич нема основа за сомнеж и истрага. А ова е само дел од целата постапка и процес. Брука за државава која дозволила вака да се одвива постапка со високо ризични хемиски супстанции на тони складирани во Охис“, забележуваат од 02.

Исто така, потсетуваат дека сопственикот на фирмата „Екоцентар 97“ во саботна изјава за медиуми вели дека во моментот кога се случил инцидентот во ОХИС немало никој, а чуварот кој бил ангажиран од фирмата „Патрол“ бил на друга локација.

„Инспекторот вели биле, сопственикот на фирмата вели не биле. Потоа, инспекторот изјавува дека бил на лице место дента кога се случил инцидентот и дека не го печеле очите, грлото, немал отежнатото дишење, ви за ви граѓаните кои се жалеле на такви симптоми. Срамни се вакви изјави. Раководител на сектор, главен инспектор, не смее да шири дезинформации во јавност“, стои во реакција на О2 Иницијатива.