Нуредини: Предлог-законот за Шар Планина го мина првото читање во матичната комисија во Парламентот

„Предлог-законот за прогласување на дел од Шар Планина за заштитено подрачје во категорија II – национален парк, го помина првото читање во матичната комисија во Парламентот со голема едногласна поддршка од пратениците со 10 гласа за и без гласови против“, вели министерот за животна средина Насер Нуредини, во соопштение пренесено преку самото министерство.

Нуредени се надева дека собраниската расправа ќе продолжи да тече конструктивно со цел, како што вели, што поскоро донесување на Законот кој ќе обезбеди заштита на уникатниот биодиверзитет, но и поквалитетен живот за локалното население и одржлив социо-економски развој и на подрачјето и на државата во целина.

Претходно, на крајот на март Владата на 58-та седница го утврди текстот на Предлог-законот за прогласување на дел од Шар Планина за Национален парк и донесе заклучок да биде доставен до Собранието.

Изминатава година решението за Шар Планина помина низ јавни дискусии, презентации, реакции од разни застапници и еко-здруженија, а во фокус беа зоните за заштита, дивата сеча на шума, градежниот „бум“, но и малите хидроцентрали, како закана за Шара, но и за водата за пиење на тетовци.