Еко-свест: Владата усвои предлог-закон кој не ја заштитува Шара од малите хидроелектрани

По повеќе-месечeн консултативен процес за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк, Владата усвои предлог закон со кој не обезбедува заштита од најголемиот еколошки проблем на планината, малите хидроелектрани, се вели во реакцијата на „Еко-свест“.

Според нив, спорно е тоа што во верзијата усвоена од Владата, постои само заштитен појас за ски центарот Попова Шапка. Единствениот третман што го добиваат малите хидроелектрани е како постоечка инфраструктура од јавен интерес чие што одржување, според Предлог Законот, може да се одвива непречено во сите зони на паркот, посочуваат од „Еко-свест“.

Тие прашуваат како инфраструктура која што има докажано негативно влијание врз природата може да постои и да функционира во сите зони на националниот парк, вклучително и зоната на строга заштита.

„Законите кои во себе содржат терминологија чие толкување е општо, нејасно и широко го отежнува процесот на нивното имплементирање и нема да ја постигнат целта за кои се донесени. Во конкретниот случај  законодавецот го користи терминот јавен интерес што би требало да биде толкуван согласно Законот за заштита на природата, бидејќи терминот јавен интерес употребен во други закони опфаќа резлични аспекти на „јавниот интерес“. Доколку се користат термините како јавен, безбедносен или стратешки интерeс нужно е да бидат  дефинирани со цел законот навистина да обезбеди заштита на Шар Планина, да превенира злоупотреби и да исклучи можност за извршување забранети активности во зоните на заштита“, стои во реакцијата на „Еко-свест“.

Исто така, за нив е нејасно како е дојдено до ваквата измена во фазата на консултации, бидејќи во Извештајот од спроведените јавни консултации, сите коментари и забелешки од граѓанските активнисти и граѓаните се дадени изворно и со име и презиме, додека коментарите и забелешките од бизнис заедницата, стопанските комори, ЗЕЛС и општините воопшто не се дел од извештајот.

Оттука, истакнуваат од „Еко-свест“, нема поврзаност помеѓу новите измени во Законот и барањата на консултираните страни. Покрај ова, тие велат дека измените се пренесени и во Анекс на Студијата за валоризација на Шар Планина, каде што е дефинирано новото зонирање на паркот и е тргната препораката за малите хидроелектрани да се воспостават заштитни појаси, нешто што беше обемно обработено во иницијалната студија.

„Доколку заштитата на природата е јавен интерес, а предмет на Предлог Законот е токму ова, тогаш сите други активности што имаат негативно влијание врз исполнувањето на целите од законот треба да бидат јасно дефинирани и ограничени. Првото решение со заштитни појаси за малите хидроелектрани нудеше многу појасно разграничување и овозможуваше подобра заштита на Шар Планина“, вели Давор Пехчевски од „Еко-свест“.

Граѓанските организации кои делуваат на поле заштита на природа се децидни дека заштитните појаси кои првично беа предложени околу секоја мала хидроелектрана во идниот парк треба да се вратат во Предлог Законот за прогласување на Шар Планина за национален парк

„Извештајот за консултации со јавноста кој МЖСПП го објавило на својата веб страна не е во согласност со правилата за процена на влијанието на регулативата затоа што не содржи целосни информации за сите добиени мислења од сите засегнати страни, преглед кои мислења се дадени од конкретна засегната страна ниту преглед на мислењата, забелешките и сугестиите кои не биле прифатени од страна на министерството и образложени причини за тоа“, смета Јасна Оровчанец Аранѓеловиќ од Македонското здружение на млади правници.

„Ваквата формулација што е дадена во усвоениот Предлог Закон создава опасен преседан за сите подрачја што чекаат прогласување или репрогласување, а имаат сличен проблем со штетни инфраструктурни проекти. Доколку еднаш се дозволи постоење на вакви проекти во најстрого заштитените зони, тогаш веќе заштитата на природата го губи своето значење. Сите подрачја што чекаат заштита ќе бидат на уште поголем удар.“, дополни Ана Чоловиќ Лешоска од „Еко-свест“/ WWF Adria.

Процесот на јавни консултации за Предлог Законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк во голем дел беше одбележан од незадовоството на граѓаните и граѓанските организации за третманот на малите хидроелектрани на територијата на идното заштитено подрачје.

Првичната верзија на Предлог Законот, согласно препораките од Студијата за валоризација на Шар Планина, содржеше заштитни појаси за веќе изградените мали хидроелектрани. На овој начин тие беа третирани како инфраструктура која што има негативно влијание врз заштитата на природата и за која има потреба да се ограничи нивното негативно влијание.