Националниот парк „Шар Планина“ јавно бара поддршка и доброволни донации, откако, како што велат, во последните две недели сè почесто се бележат случаи на приближување мечки кон населени места во регионот на Паркот.
„За да се намали ризикот од несакани средби со луѓе и да се помогне за здравјето и безбедноста на овие важни жители на нашата планина, започнуваме иницијатива за симболична прихрана на мечките, на оддалечени и безбедни локации, далеку од населени места и планинарски патеки“, стои во објавата на НП „Шар Планина“.
Оттука, бараат доброволни донации на јаболки и пченка од домашно потекло, со цел хранењето да биде што е можно послично на природната исхрана на мечката (Ursus arctos), за која велат дека претежно е растително базирана.
„Дистрибуцијата на храната ќе ја извршува Управата на Националниот парк, во соработка со волонтерска служба, во согласност со Програмата за заштита, одгледување и управување со дивечот (2023–2033), каде што се препорачува симболична прихрана како метод за следење и заштита на дивечот“, соопштуваат од Паркот.
Според НП „Шар Планина“, преку оваа акција ќе се спречи несакано приближување на мечки до населени места. Исто така, Ќќ се помогне во зачувување на нивната природна навика за исхрана, а, воедно, ќе се овозможи мониторинг на нивната бројност, здравје и старосна структура.
„Важно: Прифатливи се само јаболки и пченка од домашно производство, без хемиски третмани. Доколку сакате да донирате или да помогнете со логистика, ве молиме оставете ги донациите во просториите на Јавната Установа Национален парк Шар Планина, почетна станица за гондола во Тетово, секој работен ден од 8-16 часот или контактирајте не’ на телефонскиот број 072/239-122. Заедно можеме да создадеме подобра рамнотежа меѓу човекот и дивината. Благодариме за вашата поддршка!“, стои во повикот на Паркот.