Новогодишната програма на Плоштад Македонија годинава со македонска музика

„Комора на музичка индустрија“ во соработка со „Град Скопје“ организира новогодишна музичка програма која од 25 декември (понеделник) до 7 јануари 2024 година ќе се одржува на Плоштадот Македонија.

„Раководството на ‘Комора на музичка индустрија’ овозможи музичка програма за сечиј вкус, од најпопуларните изведувачи меѓу помладата публика, до македонските музички ветерани. Во понеделник (25.12.2023) празничниот базар ќе се отвори со настапот на младите талентирани музичари од Дајте музика, забавата ќе продолжи со музиката на бендот Брастет Скопје, а атмосферата ќе ја вжештат Игор Џамбазов и Гуру Харе Бенд“, се вели во соопштението.

За дочекот на Новата 2024 година, на Плоштад Македонија ќе настапуваат Тин Камп, Лејдис Оркестра, Пауза за ракија, Тринити Стрингс, Слаткар, Дарио, Мерак Меана со Сузана Гавазова, Влатко Миладиновски, Стојне Николова, Блага Петреска и Душко Георгиевски.

Дел од празничната програма се и многу детски претстави, меѓу кои и претставата „Исполнета желба“ од Театар за деца и младинци, детската шоу програма Биби и Боби, настапот на 300 деца од Еурека и Брејк а лег, детски маскоти, сликање со дедо мраз и делење подароци.

Низ празничниот базар ќе ве водат Лила Филиповска, Марјана Станојковска, Јана Бурческа, Димитар Атанасовски, Ненад Ѓорѓиевски и Марко Новески.