„Новите“: Марија Ангеловска ја доби наградата за збирката раскази „Глава што лебди“

Комисијата за доделување на наградата за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“ во состав Петар Андоновски, Андреа Делипапаз и Фросина Крушкаровска, одлучи наградата за 2021 година да ја додели на збирката раскази „Глава што лебди“ од Марија Ангеловска.

Од вкупно 19 ракописи кои влегоа во конкуренција, во потесниот круг за наградата влегоа ракописите на пет автор(к)и – Ана Алексовска со „Урбана сликовница на она што никој не го забележува“, Марија Ангеловска со „Глава што лебди“, Димитар Арнаудов со „Генерална теорија на лудилото“, Ива Дамјановски со „Четвртиот ѕид (експериментална наива во 7 димензии)“ и Јордан Николов со „Балоните над Конзулвил“.

Збирката  „Главата што лебди“ се состои од 15 раскази. Според жири-комисијата, допадлива е младешката воодушевеност во расказите.

„Ангеловска претпазливо но смело ѕирка отаде видливото, кое постои само како една од можните димензии. Токму таквото измолкнување на наративот од читателските очекувања е она што можеби највпечатливо го диференцира овој ракопис. Штом читателот ќе се раскомоти во удобноста на познатата приказна, таа ненадејно се преслекува во нешто друго. Ваквите игри Ангеловска ги прави меко и досетливо, обрнувајќи значајно внимание на психолошката градба на ликовите и на стилистичките финеси на текстот. Тоа често го прави со внесување на чудесното и фантастичното сред навидум реалистичниот текст“, истакнува жири-комисијата.

Дополнително, според комисијата, незаобиколлив е лесниот и шармантен  хумор кој природно и навидум случајно произлегува од игривите и неочекувани пресврти.

Марија Ангеловска е родена во 1994 година во Скопје. Дипломирала на Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ (настава, превод и толкување). Пишува проза и поезија. Учестввала и објавувала раскази на конкурси во државата а нејзини дела се застапени и во регионалната збирк „Рукописи 41“. Настапувала на Струшките вечери на поезијата и на настанот „100 илјади поети за промена“. „Глава што лебди“ е нејзина прва збирка раскази.

Во продолжение го пренесуваме расказот „Галеб“, објавен на окно.мк

Галеб

Во мене има езеро. Се протега од ноктите на моите нозе до врвот на мојата коса. Водата е бистра и свежа, најстудена е во стапалата и во дланките. Во езерото се влеваат повеќе реки и потоци и се туркаат да нурнат што подлабоко, да станат едно. Се борат, се мешаат, сè додека конечно не се помират.

Кога езерото е разбрането ми доаѓа да вреснам, но глас не излегува од грлово, како некоја јагула да ми се заглавила таму правејќи малечка брана. Понекогаш тешко дишам, па плукам водичка за да ми олесни. И ми олеснува. Во градниот кош имам камења што не ми дозволуваат да испливам на површината од себеси.

Но, јас не сакам да сум ни во плиткото ни во длабокото. Постојано се обидувам да се одржувам некаде помеѓу, во простор кајшто се чувствувам безбедно, но, сепак, не и целосно. Кога постои целосна безбедност нема простор за предизвици, за игра, за акробации, нема порив да се помести границата на она што телото е способно да го изведе на одредена длабочина. Кога би требало да бирам никогаш не би можела да одлучам помеѓу сигурноста на плиткото или предизвиците на длабокото. Би останала во меѓупросторот на неизвесноста.

Во совршена рамнотежа сум кога ја имитирам желката, со вратот над водата а рацете опуштени во темносината широчина над која се лулаат прстите. Со надеж дека ќе извечам малку топлина од некој подводен бунар, понекогаш ги заривам стапалата во песокот. Напати ќе запретам од страв, како риба на суво, кога подводните тревки случајно ќе одлучат да ми ги помилуваат бедрата. Се плашам дека ќе навлезат во мене и ќе ме пресечат со милите темнозелени врвови. Сепак, и тоа ми претставува некакво мало задоволство: стравот од границите на издржливоста на сопственото тело. И умот, секако. И поместувањето на истите. Нешто не ми дава да се извлечам на копното. Веќе не знам ниту дали сум способна за тоа. Се навикнав на студот, на стравот и на борбата да се одржам на површината. Тука се чувствувам своја.

Вратот ми е згрчен. Очите вперени во хоризонтот. Конец што сече врат; главата одлетува кон облаците додека телото се закотвува во песокот. Бранчиња од глисерите што минуваат ми ја заматуваат водата и ми ја полнат устата со неа. Не можам да пуштам глас. Внатрешноста ми се исполнува со течност и полека се претворам во галеб. Се издигнувам над водениот тепих и се вивнувам во воздух. Летам над бескрајната рамнина опкружена со ништавило. Мократа кожа ми се ежи наспроти студениот ветер. Слободна сум, но и уплашена.

Се враќам назад. Се закотвувам. Повторно си го наоѓам мирот. Врз темето ми слетува галеб. Мешето му клокоти. Пердувите му се пенат. Во обид нешто да изусти се прободува со клунот од шилеста трска и си го пука мешето како балон. Сè што останува од него е водата што ми се слева врз лицето.

Езерото повторно е сидро што ми ја одржува рамнотежата. Некогаш целото тело ми се полни со течности и се кревам над површината, лебдејќи. Некогаш се случува да уживам во леснотијата на пловењето. Се преливам во езерата во и околу мене. И тогаш – исчезнувам. Го снемува и сидрото. Ме снемува и мене. Станувам едно со големата вода. Ме има насекаде.