Новинарите, технолошки вишок од МПМ: Денес да ни ја исплатат отпремнината, или утре поднесуваме тужба

Десетина новинари, чиј работен однос во Медиа принт Македонија заврши пред речиси два месеци, утрово се собраа пред просториите на компанијата за да си ги побараат отпремнините. Тие бараат средба со менаџерката Јана Станисављева и директорот Срѓан Керим, бидејќи како што велат, стравуваат дека ќе бидат изиграни.

Новинарите, кои сега се водат како технолошки вишок, поставија јасен ултиматум – или денес да им ги исплатат отпремнините, или уште утре поднесуваат тужба.

„Прашањето до најбогатиот човек во Македонија, прогласен според Форбс и претендентот да стане генерален секретар на Обединетите Нации, Срѓан Керим, е зошто ни доцнат отпремнините месец и половина и дали воопшто имаат намера да ни ги исплатат? Да биде нашата несреќа поголема, вчера, на вработените во Медиа принт Македонија им е соопштено дека од денеска ќе бидат вработени во Телеграф.мк бидејќи Медиа принт Македонија е заглавена до гуша, односно има долг од еден милион и осумстотини илјади евра, што значи дека постепено ќе почне постапката на нејзино згаснување. Нашиот страв е дека ќе бидеме изиграни и дека парите што ни следуваат нема да ни ги дадат, ќе ни ги скратат, или како што народот вели, ќе бидеме ограбени“, рече Жане Ванкова, која беше дел од отпуштените вработени.

Овој проблем се актуелизира откако вчера на новинарите и вработените на печатениот дневен весник „Утрински весник“ им биле понудени две опции – да си одат повеќе луѓе од весникот, односно да се намали бројот на вработени, или целосно да се затвори весникот. Здружението на новинари и Самостојниот синдикат на новинари за денес најавија прес-конференција на која ќе се соопштат повеќе детали.