Новинарите порачаа пред Влада: Не ви се плашиме, слобода за Кежо!

„Сите сме Кежаровски“, „Слобода за Кежо“, „Не ви се плашиме“, „Кежо не го даваме“, „Нема правда, нема мир“ се дел од пораките кои ги извикуваа голем број новинари, граѓани и активисти за време на протестот против пресудата од две години затвор за новинарот Томислав Кежаровски.

Со маски од ликот на Кежаровски и транспаренти на кои пишува „Суд ми е, двор ми е“, голем број новинари и граѓани застанаа пред влезот на Апелациониот суд од каде побараа слобода за новинарот. Но, петнаесетина минути по почетокот на протестот, пред судот дојде и Кежаровски со својот адвокат кој привремено беше пуштен од затвор само неколку часа пред најавениот протест.

Присутните пред него ги подигнаа маските со неговиот лик и го поздравија со извиците „Нема правда , нема мир.

Од пред зградата на Апелациониот суд зборуваш претседателката на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Тамара Чаусидис која го искритикува експресното затворање на новинарот. Според неа, тој го зеде товарот да го брани достоинството и правото на новинарите да истражуваат и да откриваат.

„Се бориме и ќе продолжиме да се бориме. Тоа му го должиме и на Кежаровски и на Младенов и на сите замолчени и понижени новинари. Затоа што тоа им го должиме на граѓаните. Тие без нас немаат глас и тие без нас немаат правда. Тие без нас немаат заштитник. Продолжуваме да се бориме за Кежаровски, да биде признаена неговата невиност . Не се задоволуваме со калкулации, не се задоволуваме со намалени казни. Тој е невин и тоа го знаат сите и тоа мора да биде признаено, рече Чаусидис пред толпата.

Од Апелациониот суд, присутните се упатија пред Владата за да го изразат своето несогласување од каде во знак на протест пуштија голем број на бели балони испишани со разни пораки. Новинарите потсетија на Уставот кој ги гарантира правата на слободна мисла и говор.

IMG_7150

„Слободата на говорот и слободата на мисла кои се загарантирани со нашиот Устав никој не може да ги ограничи со некакви арбитрарни закони, ниту со неправедни судски одлуки. Нашата слобода е неприкоснована. Ние дојдовме тука да ја разголиме нашата болна реалност. Во земја каде е забранета цензурата се затвораат новинари за напишан збор. Сакаме да ги потсетиме дека можат да затвораат новинари, но не можат да ја затворат слободата затоа што таа живее во нас“, рече претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Насер Селмани.

Според него, Кежаровски е осуден на затворска казна затоа што власта не трпи јавни критика и порача дека колку повеќе ќе ги притискаат, толку поголем отпор ќе добие Владата.

„Тие зборуваат со јазикот на силата , ние ќе им зборуваме со јазикот на слободата. Ќе ги искористиме сите можни демократски средства да ве спречиме во овој срамен поход против слободата на говорот без која оваа земја нема иднина. Конечно, сите сме Кежаровски, конечно сите сме слободни граѓани“, рече Селмани.

На протестот против пресудата за новинарот Томислав Кежаровски се обрати и Зоран Димитровски, неговиот поранешен уредник во времето кога тој беше уапсен, а сега еден од членовите на иницијативниот одбор за негово ослободување.

Тој истакна дека немаат намера да се пазарат за пресудата на Кежаровски и дека луѓето што излегле на протест упатија јасна порака дека не се плашат и дека не прифаќаат неправедна милостивост.

„Дојдовме да му кажеме оти сите во светот веќе го знаат дека е тиранин, дека неговите лаги поминуваат уште само онаму каде што владее стравот што го шири неговото злосторничко здружение. Дојдовме да му кажеме дека ние одамна го победивме стравот! Дојдовме да му се насмееме в лице и да му порачаме оти Кежаровски ќе издржи, а нашата борба за слобода ќе продолжи. Немаме намера да се пазариме, не сакаме да бидеме лажно пристојни и да му речеме оти не сме против него. Не! Против него сме, решително сме против него и ќе бидеме се повеќе ако тој слободата ја множи со нула, ако не сака да го чуе нашиот глас. Дојдовме да му кажеме оти тој и неговите се минливи, а слободата и правдата се вечни“ – рече Димитровски.

Новинарот Кежаровски беше пуштен од затворот „Скопје“ непосредно пред почетокот на протестот, бидејќи како што му било соопштено затворската казна му се прекинува за еден месец, односно му било речено во затвор да се јави на 18 февруари. Кежаровски е осуден во случајот „Ликвидација“, за текст кој го објавил пред пет години под обвинение дека открил идентитет на заштитен сведок. Но, тој тврди дека во своите текстови всушност открил дека се работи за лажен сведок во случајот.