Остри реакции на пресудата против Кежаровски

Домашни и странски новинарски здруженија изразија силна осуда за затворската казна која му беше изречена на македонскиот новинар Томислав Кежаровски. Апелацискиот суд во Скопје во четврток пресуди две години затвор за новинарот. Со оглед на досега одлежаното време во притвор и домашен притвор, Кежаровски ќе мора да отслужи уште четири месеци во затвор, каде експресно беше спроведен вчеравечер.

Фото: Емрах Реџепи

Фото: Емрах Реџепи

„Оваа казна е апсурдна и недостојна за кандидат за членство во ЕУ и треба да се поништи што е можно побрзо. Томислав Кежаровски не треба да отслужи ниту еден ден во затвор. Неговиот единствен престап беше укажувањето на недостатоците на македонската власт и судство преку новинарска истрага“ , изјави Кристијан Мир, Извршен директор на Репортери без граници Германија.

„Ова е брутален чин на демонстрација на сила откако новинарската заедница во Македонија едногласно ја отфрли казната затвор од две години за Кежаровски како неприфатлива и побара негово ослободување. Ваквото однесување само потврдува дека одлуката е политичка, а не судска. Правда во Македонија делат партиите на власт, а не судовите“, се вели во реакцијата на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).

Преку својот профил на Твитер и високиот претставник на ОБСЕ за слободата на медиумите, Дуња Мијатовиќ, ја осуди пресудата за затворска казна за новинарот Кежаровски. Таа напиша дека „одлуката на скопскиот суд да се испрати новинарот Кежаровски испраќа порака за застрашувачка цензура“.

Ваков судски процес, кој носи страдање во животите на луѓето, ги крши човековите слободи и основните принципи на демократијата е невиден во Европа многу долго време. Ова судење и пресудата против новинарот Томислав Кежаровски се флагрантен доказ за крајно политизирано судство“, вели претседателот на Цивил – Центар за слобода, Џабир Дерала.

Новинарот Кежаровски е осуден во случајот „Ликвидација“, за текст кој го објавил пред пет години под обвинение дека открил идентитет на заштитен сведок. Од друга страна, тој тврди дека во своите текстови всушност открил дека се работи за лажен сведок во случајот. По бројните реакции во јавноста и поминати пет месеци во притвор, тој беше пренесен во домашен притвор.

Вчера, повеќе новинари и медиумски работници се собраа пред Апелациониот суд во Скопје за да го искажат својот револт од пресудата со која Кежаровски е осуден на две години затвор. Воедно, Иницијативниот одбор за ослободување на Кежаровски, новинарскиот синдикат и ЗНМ ги повикаа граѓаните во вторник во 12 часот да дојдат на протест пред судот и повторно да го изразат својот револт од изречената затворска казна за новинарот.