Новинари и активисти, денеска положија цвеќе на местото каде точно пред две години новинарите беа спречени да протестираат против затворската казна на нивниот колега Томислав Кежаровски. Тој дојде на на Плоштадот пред Музејот на ВМРО каде полицијата тогаш насилно ги спречи новинарите да протестираат против неговото затворање и пресудата од 4,5 години за напишан текст.
„На 21 Октомври 2013 година бев осуден на 4,5 години затвор поради, наводно, одавање на идентитет на заштитен сведок. Два дена подоцна колегите организираа протест на Плоштадот пред Музејот на ВМРО.
Тие го кренаа гласот против одлуката на Судот. Тогаш не бев во можност да бидам со нив. Бев во затвор. Не бев во можност ниту лани кога се одбележуваше една година од настанот, бев во куќен притвор.
Затоа сега, на овој ден, ќе појдам таму каде што полицијата крена рака на новинарите, каде што полицијата крена рака на слободоумниот човек. Ќе појдам таму каде што некој сакаше да го замолчи народот.“ напиша Кежаровски на својот Фејсбук профил.
Новинарот Кежаровски беше осуден за откривање идентитет на заштитен сведок во два текста објавени во 2008 во весникот „Репортер 92“.
Ваквата пресуда доби остра критика и од Европската федерација на новинарите, бројни домашни и странски невладини организации, политички партии како и голем број на граѓани и колеги-новинари.
Кежаровски им се заблагодари на присутните и порача дека борбата за слобода и слободно изразување ќе продолжи.