Нови апсења откако илјадници повторно демонстрираа во Бања Лука

Илјадници граѓани од Бања Лука, предводени од членови на групата „Правда за Давид“ синоќа се собраа на централниот плоштад со барање да се открие вистината за неразјаснетата смрт на момчето Давид Драгичевиќ.

Полициските сили на Република Српска привеле неколку луѓе поради нарушување на јавниот ред и мир откако претходно, околу 23 часот, ги повикала граѓаните да се разотидат бидејќи собирот бил предвиден да трае до 20 часот, пренесува Ал Џазира Балканс.

Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик, ја осудил политизацијата на протестот, со обвинување кон опозициската Партија на демократскиот прогрес дека се обидуваат да го санираат поразот на изборите преку нарушување на имиџот на градот.

„Ќе поддржам секакво законско постапување на полицијата. Организаторите мораат да одговараат затоа што не го организирале и спровеле собирот на соодветен начин. Сите кои употребиле насилство треба да бидат приведени и да одговараат. Мислам дека ова ја прејде секоја можна мера“, рекол Додик.

Собирите „Правда за Давид“ се одржуваат веќе девет месеци, а претходнава недела револт предизвика апсењето на таткото на Давид, Давор Драгичевиќ, кој следниот ден беше ослободен.

Граѓаните бараат полицијата да го открие и уапси убиецот на 21-годишниот студент, кој исчезнал ноќта на 17 март, а неговото мртво тело било пронајдено една недела подоцна на брегот на реката Црвена. Првичната полициска истрага утврдила дека смртта настанала поради давење, но без елементи на кривично дело. Сепак по три месеци јавното обвинителство донело наредба да покрене истрага против непознати сторители поради основано сомнение за убиство.