Нова шанса да заживее езерото Треска

Град Скопје во рок од една година, по сугестија на Владата, прво го пренесе Езеро Треска во рацете на Општина Сарај, а сега повторно одлучија дека ќе соработуваат со општинарите за заживување на спортско-рекреативниот центар.

Советот на Град Скопје на последната седница донесе одлука за меѓуопштинската соработка со Сарај. Ова во превод значи – изработка на проект за ревитализација на Треска. Ова е нова шанса за комплексот изграден во 1978 година, кој своевремено функционираше и како капачки излетнички простор, но сега инфраструктурата е комплетно запуштена.

Малите базени се оштетени, кабините за преслекување и туш кабините искршени или расклопени, а голем број приколки изедени од забот на времето. Вака е со години.

„Некогаш ова место беше оаза за сите скопјани, но и за жителите на околните градови. Денес езерото e без посетители. Водата е загадена и преполна бактерии. Сето она што е изградено во функција  на езерото постепено пропаѓа. Неопходно е што поскоро да се врати сјајот на езерото, луѓето да почнат да доаѓаат за да се одморат и рекреираат. Затоа е неопходно да се изработи проектна документација, односно да се изработи проект за ревилизација на езеро Треска“, стои во образложението на предлог-одлуката изгласана на Советот на Град Скопје.

Езерото Треска во зимно време

Од Град Скопје за Ради МОФ велат дека поради постојната имотна правна поставеност на Езеро Треска, започнале со „претходни активности за воспоставување на координација со Владата и Општина Сарај во врска со договарање на понатамошното заедничко настапување за конечно решавање на долгогодишниот проблем со овој рекреативен простор“.

„Најнапред треба да се утврдат правните постулати за понатамошен ангажман, по што ќе се договорат и содржините на кои ќе се работи и на уредувањето на езерото во рамки на заедничките ангажмани, како и во рамки на реализацијата на градските програми за уредување на потегот кон кањонот Матка“, ни одговорија од Градот.

Со оглед на обемот на активности кои треба да се реализираат во оваа подготвителна фаза, велат тие, реално да се очекува во текот на годинава најнапред да се регулирааат само координативните работи.

Износот кој Град Скопје ќе го издвои за проектот изнесува седум милиони денари, со пресметан ДДВ. Од ова, од градскиот Буџет за 2018 година ќе се издвојат три, а во 2019 и 2020 по два милиони денари, стои во предложенaта одлука за ревитализација.

Езеро Треска; фото Александар Колов

Инаку, Треска се наоѓа на излезот од Скопје и зафаќа површина под зеленило од 186.678 квадрати и 132.080 квадрати водена езерска површина. Долги години беше под надлежност на ЈП „Паркови и зеленило“. Претпријатието се грижеше за редовно одржување на зеленилото и на придружните објекти, чистење на зафатот, таложникот и самото езеро.

Но, како капачки објект тоа не е во употреба од 1998 година, освен кратко време од месец дена што функционираше 2003 година. „Паркови“ преку сите свои годишни програми укажува дека интензитетот на одржување на зеленилото е идентичен со интензитетот на јавните зелени површини во Скопје.

Езеро Треска; фото Александар Колов

„Во 2010 година е порибено езерото со крап, амур и македонска пастрмка со цел да се овозможи и спортски риболов. Во текот на 2003 изработени се и реализирани поголем број елаборати и проекти за ревитализација на езеро ‘Треска’ и со преземање на конкретни градежно-технички активности овозможено е ставање на езерото во функција. Неопходна е изградба на прочистителна станица со која проточната вода од реката Треска би се трансформирала од 4-та во 1-ва, евентуално 2-ра категорија, што е императив за ставање на езерото Треска во функција за капење“, стои во последната програма на „Паркови и зеленило“ од 2017 година.

Низ јавноста досега се развиваа различни идеи како би заживеало подзаборавеното езеро. Дали да го земе некој инвеститор, дали има потенцијал за концертни настани, за свирки и журки за младите во летниот период, да се користи единствено за семејно кампување и одмор без некој елитистички набој, зимно време да функционира со затворени објекти… Идеите се’ уште кружат. На „тури“ кога ќе се спомене на Фејсбук, ќе го актуелизира некој медиум или властите ќе го стават во своја програма. Сепак, и покрај досегашните ветените проекти за санирање и ревитализација, езерото остана само во мислите и историските документи.

Бојан Шашевски