Град Скопје и официјално се откажа од СРЦ Треска, езерото во рацете на општина Сарај

Советниците на Град Скопје на последната седница на Советот изгласаа Одлука за отпис од сметководствена евиденција на објектот СРЦ Езеро Треска. Со ова, и официјално се потврдува одлуката на Владата од 2013 година за пренесување на Треска во сопственост на општина Сарај.

„Бидејќи ЈП ‘Паркови и зеленило’-Скопје го одржувале рекреативниот центар од 2006 до 2013 година, потребно е да се отпишат недвижните ствари лоцирани во рамките на границите на спортско рекреативниот центар Треска од сметководствената евиденција на ЈП ‘Паркови и зеленило’-Скопје“, се наведува во образложението во предлог-одлуката на Град Скопје.

Надлежните скоро две децении бараат решенија за заживување на езерото. Тоа се наоѓа на излезот од Скопје и зафаќа површина под зеленило од 186.678 квадрати и 132.080 квадрати водена езерска површина. Во Програмата на „Паркови и зеленило“, години наназад е предвидено редовно одржување на зеленилото и на придружните објекти, чистење на зафатот, таложникот и самото езеро. Но, како капачки објект тоа не е во употреба од 1998 година, освен краткото време од еден месец што функционираше 2003 година. Од „Паркови“ во секоја своја програма, репризно потенцираа дека интензитетот на одржување на зеленилото во РЦ езеро „Треска“ е идентичен со интензитетот на јавните зелени површини во Град Скопје.

„Во текот на 2003 година изработени се и реализирани поголем број елаборати и проекти за ревитализација на езеро ‘Треска’ и со преземање на конкретни градежно-технички активности овозможено е ставање на езерото во функција. Неопходна е изградба на прочистителна станица со која проточната вода од реката Треска би се трансформирала од 4-та во 1-ва, евентуално 2-ра категорија, што е императив за ставање на езерото Треска во функција за капење“, нагласија од „Паркови“.

Инаку, од пред две години, кога Владата донесе одлука комплексот да се даде на локалната самоуправа на Сарај, општинарите рекоа дека презеле и активности за да се врати некогашниот сјај на спортско-рекреативниот комплекс. Од Општина Сарај беше најавено формирањена јавно претпријатие, кое привремено ќе стопанисува со објектот, а истовремено дека се собира и документацијата за навремено да се смени урбанистичкиот план во интерес на реконструкција на комплексот, се комуницира со потенцијални инвеститори…

Б.Ш.