Нова песна на Фолтин од новиот албум – „Пијан славеј“

Националната установа Центар за култура-Битола денес ќе го промовира најновото музичко издание на групата „Фолтин“ под наслов „Пијан славеј“. Издавач на новиот музички албум е битолскиот Центар за култура со што продолжува поддршката на овој тип проекти и по „Паркети“, „Спанк“, „Памперси“ и „Љубојна“, оваа национална установа сега се јавува како издавач и на албумот на „Фолтин“.

„Фолтин“ е една од најпознатите групи од Македонија, формирана во 1997 година која приредила концерти или учествувала на музички и театарски фестивали во Италија, Австрија, Хрватска, Франција, Словенија, Унгарија, Србија, Босна и Херецеговина, Албанија, Бугарија и во Македонија.

Битолската група досега ги издала музичките албуми „Outre-Mer“(1997), „Archimed“(2000), „Donkey Hot“(2003), „Lo-Lee-Taa-Too“(2005), „Penelope X“заеднички проект со Никола Коџобашија и Гоце Стефковски (2011), „Оваа трансплантирана машина за чукање досега не типкала љубовно писмо“ (2008) и „Антитело“(2012).

Во меѓувреме, Фолтин ја објави и втората песна од албумот, со наслов „Ми падна газо“, што е втор сингл од ова издание, по првиот, „Ела си в кревет“.