Нова оставка во Комисијата за избор на ректор – во меѓувреме продолжуваат изборните активности

Вчера оставка од Комисијата за избор на ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ си поднесе и професорот Драган Ѓошевски од Факултетот за земјоделски науки и храна, информираше кандидатот Вујица Живковиќ.

Ова доаѓа откако оставка си поднесоа и претходниот претседател на Комисијата, професорот Пламен Тројачанец и уште три други членови. Секој од нив доби замена, па во моментов со Комисијата претседава професорката Годрана Лажетиќ од Правниот факултет.

Кандидатот за ректор Живковиќ, вели дека сега кога Комисијата не е во полн состав, таа нема ниту легитимитет, ниту законска основа да ја продолжи постапката.

„И покрај тоа, заменик претседателот на Универзитетската изборна комисија проф. д-р Годрана Лажетиќ од Правниот факултет, во содејство со раководството на УКИМ, вчера ги продолжи изборните активности. Со ова силеџиско однесување на УКИМ му се нанесува ненадоместлива штета, во работењето и на неговиот углед во државата и надвор од неа. Непочитувањето на законите и институциите во државата од страна на УКИМ, кој во свој состав го има најеминентниот Правен факултет во државата, е срамно и лош пример, за студентите, за академската заедница и за граѓаните“, реагира тој.

Претходно за постапката реагираа и Државниот просветен инспекторат, од каде велат дека на УКИМ забрзано се води постапка за избор на ректор спротивно на Уредбата на Владата за постапување во вонредни услови. По ова, се јави и Државната антикорупциска комисија, која реагираше дека согласно Изборниот законик, не смее да се води постапка за избор во време на парламентарни избори, се до конституирањето на Парламентот и Владата.

Каде се студентите во изборот на ректор на УКИМ?

Ја следите емисијата #НаЧас на Радио МОФ. Тема на денешната дискусија е каде се студентите во приказната за избор на новиот ректор на УКИМ. Гости во емисијата се Ангела Најдоска, претседателка на Комисијата за наука при УСС, Петар Антевски, неодамнешен член на Универзитетскат изборна комисија и Борјан Ефтимов, претседател на Универзитетското студентско собрание при УКИМ.**Дискусијата е направена во рамки на проектот Ангажирање на младите за студентски и младински политики, финансиран од Фондацијата Отворено општество Македонија.

Posted by Радио МОФ on Wednesday, 24 June 2020

Независниот академски синдикат НАкС, пак, вчера соопшти дека ќе поднесе претставки против организаторите на, како што велат, противзаконските избори за ректор на УКИМ.

Во меѓувреме, изборните активности продолжуваат. Кандидатите ги објавија своите програми, а гласањето е закажано на 26 јуни.

НАкС ќе поднесе претставки против организаторите на изборите за ректор на УКИМ