Претседателот на Сојузот на глувите Васко Марков да даде оставка, да се направи ревизија на неговото работење и да прекине злоупотребата на Сојузот, побараа денеска на протест педесетина лица со оштетен слух. Допатуваа од повеќе градови од земјава, а се собраа пред Домот за хуманитарни активности „Даре Џамбаз“ во Скопје.
Велат дека се револтирани од своеволието на Марков кој иако беше повикан, не се појави на протестот.
Демонстрантите најавија дека ќе го чекаат да дојде, а не ја исклучија можноста да постават шатори пред „Даре Џамбаз“ и ноќта да ја поминат во нив.
Целиот протест, изјавите од глувите, нивните барање и проблемите со кои се соочуваат може да ги погледнете во видеото на Нова.
Ова е втор протест на глувите и наглувите лица во Скопје за помалку од два месеци. Тие кон крајот на септември веќе протестираа пред Министерството за труд и социјална политика за да побараат поддршка од државата, но и оставка на Марков. Според министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов протестот пред Министерството за труд и социјална политика се одржал по грешка, бидејќи како што изјави тогаш, министерството не било надлежно за промените во Националниот сојуз на глуви.