Протест на глувите лица во Скопје

Стотина членови на Националниот сојуз на глуви и наглуви лица денеска се собраа пред Министерството за Труд и социјална политика за да побараат поддршка од државата, но и оставка од сегашниот претседател на Сојузот, Васко Марков, кој како што посочуваат,  го злоупотребува здружението. Причината за протестот на лицата со оштетен слух и говор е и големото незадоволство поради дискриминацијата која ја доживуваат.

,,Сакаме да го подигнеме гласот, зашто немаме никаква комуникација со државните институции. Не се почитува законот за примена на македонскиот знаковен јазик, не сме задоволни од претседателот на нашиот сојуз и затоа протестираме“, велат овие лица.

Во Македонија околу 6000 глуви, а само 12 толкувачи. Тие што можат сами плаќаат толкувачи од свој џеб, за да можат да се разберат на суд, во болница. Бидејќи неможат да се разберат без толкувач, најчесто ги губат случаите на суд или добиваат погрешна дијагноза на лекар.

Во продолжение, може да го погледнете и видеото од протестот преземено од НОВА.

Според  министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов протест пред Министерството за труд и социјална политика се одржал по грешка, бидејќи како што вели, министерството не е надлежно за промените во Националниот сојуз на глуви.

„Пред Министерството дојдоа околу 40-ина глуви лица со кои јас утрото остварив средба. Со претставници на овие граѓани одржав средба и пред две недели. Разговаравме за нивните проблеми, а исто и денеска. Бев информиран, всушност дека тие и по грешка дошле пред Министерството, бидејќи бараа промени во Националниот сојуз на глуви. Тоа е независен орган, здружение на граѓани во кое што ние како МТСП немаме ингеренции да се мешаме во внатрешното функционирање“, вели Спасов.

Тој информира дека буџетот на МТСП за 2014 е зголемен за 42 милиони денари, за оваа категорија граѓани. Целосно глувонемите лица, додава министерот, од јануари 2014 година ќе добиваат по 4.000 денари месечно.