Нов добротворен настан „Сите за Грицко“ утре во МКЦ   

Во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје утре, недела, од 16:20 часот ќе започне нов хуманитарен настан „Сите за Грицко“, во организација на иницијативата Брат за брат.

„Драги другари и другарки повторно сме потребни на Небојша Додевски – Грицко. Како и предходните две, така и оваа ‘Сите за Грицко’ хуманитарна забава, ве очекуваме да дојдете и да заеднички направиме подобра и потопла зима за нашиот другар Грицко. Влезот е со донација, а исто така како и предходните забави ќе бидете во можност да си купите ‘мерџ роба’ (музика, маици, стикери) од македонски и странски артисти)“, велат од иницијативата.

Од таму посочуваат дека сите сите собрани средства одат кај Грицко кој ги планира за купување на огревно дрво.

На настанот досега се најавени диџејски сетови од Грицко, Соус Спин, Бесниот Витез, Жолти Ман, Јаме Знаме. Емсиња ќе бидат Д.С.Ш., Скитер, ОС Портеро, Пука Козметика, Јоцо Бељата, Дре, Аце Мафија, Смоук Панда.

На настанот се предвидени и графити од Негро, поезија од Валита Парго, но и уличен акт од Јана Нарајана.

„Сите за Грицко“ треба да трае докај 00:20 часот.

Инаку, Небојша Додевски Грицко е култен скопски лик, особено во круговите на независната андерграунд сцена. Луѓето го знаат и како човекот што долго време ја тераше акцијата „Храна, а не оружје“, која обично се одвиваше на скопскиот плоштад, со цел да потсети дека храната е право на секој, а не привилегија.