Нобеловата награда за физика за откривањето на „ајнштајновите“ гравитациони бранови

Тројца американски научници ја добија годинешнава Нобелова награда за физика, за регистрирањето на гравитационите бранови, бранувањето на закривеноста на време-просторот кои првично беа предвидени дека постојат од Алберт Ајнштајн во неговата општа теорија на релативност.

Добитниците на престижната награда Рајнер Веис, Кип Торн и Бери Бериш, како дел од ЛИГО-Вирго опсерваториите, имале клучна улога во историски првата опсервација на гравитационите бранови во септември 2015 година.

Општата теорија за релативност предвидува дека присуството на маса предизвикува закривеност во простор-времето. Кога големите небесни тела се соединуваат, ова закривување може да се менува, испраќајќи бранови низ универзумот. Тие се познати како гравитациони бранови. За времето кое им е потребно да стигнат до нас, овие разбранувања се безмалку невозможни за регистрирање. Дури еден век по предвидувањето на Ајнштајн, научниците развија детектор (Ласерска интерферометриска опсерваторија за гравитациони бранови – ЛИГО), доволно чувствителен за да се докаже постоењето на гравитационите бранови.

ЛИГО опсерваторијата на локацијата Хенфорд во САД

Добитниците на наградата делат меѓусебно 9 милиони шведски круни (930.000 евра). Половина добива Веис, додека Бериш и Торн ќе добијат четвртина од сумата.

Вчера беше доделена Нобеловата награда за медицина, за проучувањата на внатрешниот биолошки часовник, додека утре ќе биде познат добитникот на наградата за хемија.