НМСМ: Младите заслужуваат реални и фер можности – а не затворени и манипулативни процеси

Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) изразува сериозна загриженост поради, како што вели, начинот на кој Министерството за социјална политика, демографија и млади го објави Јавниот повик за финансиска поддршка на здруженија и фондации.

Како што нагласува НМСМ, повикот е објавен на 4 август, со рок за аплицирање до 6 август – односно помалку од три работни дена.

„Објавувањето на ваков повик во летен период, кога голем дел од организациите работат со намален капацитет, без претходна најава, без транспарентен процес и без консултација со засегнатите страни, претставува директно нарушување на принципите на еднаков пристап, фер конкуренција и одговорно трошење на јавни средства. Краткиот  рок и отсуството на промоција создаваат реална бариера за мнозинството младински организации и го фаворизираат ограничен круг однапред информирани субјекти. Тоа не само што ја поткопува довербата, туку и ја нарушува легитимноста на самиот процес“, забележуваат од НМСМ.

Од таму нагласуваат дека повикот е објавен врз основа на Програмата за финансиска поддршка на проекти од областа на младите, наменета за младински организации, организации за млади и младински чадор организации, која Владата ја усвои и ја промовираше во мај 2025 година.

„Особено загрижува фактот што и покрај тоа што програмата е донесена пред повеќе од три месеци, Министерството го објавува повикот  сега – непосредно пред одржувањето на локалните избори. Ова дополнително отвора сомнежи за транспарентноста на процесот, што потенцијално може да резултира со политички мотивирана распределба на средства, а не со одржливо инвестирање во младите“, реагира НМСМ.

Според НМСМ, содржината на повикот е тесно поврзана и со приоритетните области од Националната стратегија за млади – документ кој во моментот е во процес на евалуација. Но,  велат од таму, рокот од само три дена не остава простор за квалитетна подготовка на проектни предлози што би имале реален и одржлив придонес кон остварувањето на стратешките цели.

„Наместо да поттикне координирано и стратешко дејствување, ваквиот пристап го обезвреднува значењето на стратегијата и остава впечаток на импровизација без визија, план или транспарентност“, посочуваат од НМСМ.

Во контекст на претстојните локални избори, ваквото носење одлуки, без јасно образложение и со кратки рокови, велат од таму, отвора сериозен ризик од политичка злоупотреба на младинските организации и ја доведува во прашање независноста и кредибилитетот на механизмите за распределба на јавни средства.

„Ова само го потврдува она на што НМСМ континуирано укажува – новоформираното Министерство сè уште нема изграден институционален капацитет, стратегија, ниту структура за конзистентно и транспарентно водење на младински политики. По повеќе од една година постоење, наместо да биде системски партнер на младите, Министерството функционира преку непланирани чекори, краткорочни интервенции и селективна комуникација, со исклучување на граѓанскиот сектор од процесите на одлучување. Ваквиот пристап е една од причините поради која младите немаат доверба  во институциите, ја компромитира мисијата на Министерството и креира слика на импровизација наместо системско управување со младинските политики. Младите заслужуваат реални и фер можности – а не затворени и манипулативни процеси“, стои во реакцијата.

Оттука, НМСМ апелира ресорното министерство итно да го продолжи рокот за аплицирање до крајот на август, со обврска за јавна промоција и информирање на сите заинтересирани страни.

Понатаму, да започне структуриран дијалог со младинските организации, заснован на партнерство, отчетност и доверба – а не, како што велат, селективна комуникација и исклучување.

Воедно, апелираат заедно со подготовката на буџетот на министерството, да се креира и годишен план за работа на Сектор млади, за да се надминат вакви ад хок активности.

„Националниот младински совет на Македонија ќе продолжи да ја следи работата на институциите и да се залага за фер, инклузивни и отчетни младински политики, кои нема да бидат водени од партиски интереси, туку од потребите и гласот на младите. Младите не се декор во институциите – тие се двигатели на промената. Потребни ни се институции што ќе работат во нивна полза – одговорно, транспарентно и со визија“, се вели во реакцијата на НМСМ.