#НизТвојотОбјектив – „Кралот Алкохол“ од Соња Ставрова

Денес во рубриката #НизТвојотОбјектив ви го претставуваме серијалот фотографии „Кралот Алкохол“ од уметницата Соња Ставрова.

Се работи за фото-документарен проект кој вклучува визуелна изложба на фотографии посветени на традиционалниот кафеански живот во Тиквешкиот регион, со фокус на градот Кавадарци.

„Фотографиите ја прикажуваат социјалната функција на консумацијата на алкохолот во релација со притисокот од средината и алкохолната зависност. Кафеаната во таквите прикази секогаш зазема централно место и се доживува како крајно свратилиште, неочекуван дом и станица за постојано чекање на животот кој тече. Таа е прв проточен пункт за гласини, но и место за кое се верува дека ги произведува ‘вистинските случувања’“, вели Ставрова.

Како што забележува таа, изложбата сведочи за (не)посакувана блискост меѓу прикажаните тела, нивната гестикулација и подвижност во просторот. Таа ја илустрира, додава Ставрова, општествено наметнатата слика за мажественоста и машкото пријателство, односно „братството“.

„Наспроти таквите затворени кругови, жените се застапени како посебни субјекти коишто имаат ограничени линии на циркулација во средините каде главно доминираат мажите. Тие се прикажани во нивното внимателно движење на маргините на таквиот свет, најчесто како споредни ликови или посреднички во активирањето на вистинското дејство што се одвива околу ‘асталот’“, смета фотографката. 

„Дејствата во фотографиите содржат хумор и сатира, но не пренесуваат суд врз застапените животни стилови.  Всушност, низ визуелните облици на „сериозното-смешно“, кафеаната се карактеризира и како една од ретките современи критички простори, каде светот се доживува и оценува без страв и ограничувања, но и како излезен вентил за реакција на општествената неправедност“, објаснува Ставрова.

Соња Ставрова живее во Скопје и е магистриран фотограф на катедрата по фотографија на интернационалниот универзитет Еуропа Прима во Скопје. Дипломирала на правниот факултет „Јустинијан Први” во Скопје. Нејзините фотографии биле дел од повеќе групни изложби: „Here’s the artist” (Скопје-Загреб-Единбург, 2021), “All girls festival” (Скопје, 2019), „F8” (Скопје, 2019), „Идентитет” (Дортмунд- Скопје 2018), „Rovinj photo days” (Ровињ-Загреб, 2018), „Фото Софија 13” (Загреб, 2018), „Млади ликовни уметници од Кавадарци и нивни гости” (Кавадарци, 2014, 2017, 2019, 2020 и 2021), „Фестивал за урбана култура Мурал” (Скопје, 2019), „Скопје Креатива” (Скопје, 2017), „Времеграфии” (Скопје, 2017), „Теми од мојата земја Македонија” (Скопје, 2018), „Влажен колодиумски процес” (Скопје, 2018), “Photo Video Applied Skills” (Баиле Туснад, 2016) и „Фотон” (Кавадарци, 2013).

Радио МОФ започна со рубриката #НизТвојотОбјектив со цел да отвори можност за изразување, промовирање и поврзување на фотографи. Секој четврток објавуваме фотографија или фотографии од еден автор.

Сите заинтересирани за објавување, своите фотографии може да ни ги пратат на info@radiomof.mk, заедно со кратка биографија и кусо објаснување за контекстот на фотографијата. Фотографиите треба да опфаќаат различни општествени теми како екологија, дискриминација, цензура, млади, маргинализација, корупција, незадоволство и секојдневното живеење.