Независно тело ќе го проценува одговорот на СЗО на пандемијата со коронавирусот

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека формирала независно тело со кое ќе се проценува раководењето со пандемијата на Ковид-19 на оваа агенција при Обединетите Нации, но и како на пандемијата одговориле земјите членки, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

СЗО наиде на силен притисок од САД кои и официјално се повлекоа од оваа организација пред неколку денови, а кои ја обвинуваат за пристрасност во справувањето со пандемијата. Претседателот Доналд Трамп ги обвини дека се „марионети во рацете на Кина“, дека организацијата го занемарила раното предупредување на Тајван за сериозноста на коронавирусот, како и тоа дека задоцни со прогласувањето на пандемијата.

Поранешната премиерка на Нов Зеланд, Хелен Кларк и поранешната претседателка на Либерија, Елен Џонсон Сирлиф прифатија да застанат на чело на независната комисија и да изберат членови на истата, изјави шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрехесус.

Тедрос потсети дека членките на СЗО во средината на месец мај ја усвоиле резолуцијата за независна проценка на одговорот на оваа агенција на ООН на пандемијата на коронавирусот. Текстот бил усвоен со консензус и предвидува што побрзо отпочнување на непристрасна, независна и целосна проценка на меѓународната акција иницирана поради пандемијата, како би се подобриле светските капацитети за превенција, подготовка и одговор на пандемијата.

Од појавувањето на коронавирусот кон крајот на минатата година во Кина, досега во светот се заразија над 12 милиони луѓе, а речиси 550 илјади починаа.